За прв пат, според легендите, тенџерето, како симбол на отпорот, се појавува пред повеќе од две столетија, во времето на освојувањето на американскиот континент од страна на европските освојувачи.
Имено, американските домородци, Индијанците, кога за првпат ја виделе железничката пруга и парната локомотива како бревтајќи се движи по неа, не само што панично се исплашиле од тоа чудовиште, туку, со право, го сметале за симбол на освојувањето на нивната земја. Кога подоцна го виделе експрес лонецот како поусовршена верзија на древното тенџере, тие, уплашени од неговото пиштење, многу слично на она на парната локомотива, го кршеле и уништувале со она што имале при рака, со камења, стапови, секири… Го кршеле додека е време, додека не пораснало па да стане локомотива и да им ја освојува земјата и понатаму. Ова е првиот познат пример за тенџерето како симбол на отпорот.
И, се разбира дека е шега, но е добар вовед во денешново време и на нашиве простори. За прв пат, тенџерето како симбол на отпорот, во Македонија се појавува пред малку повеќе од дваесет години, во време на неприкосновеното владеење на Бранко Црвенковски. Тој, како и секој владетел, посакал со дворската свита да оди на лов. Изборот паднал на Националниот парк Маврово.
И, нормално, за да биде владетелот добро пречекан, директорот, чинам се викаше Цане, ги собрал вработените во Националниот парк и ги наредил во две редици, едната лево, другата десно од него. Па им рекол дека кога утре ќе дојде “шефот“, групата лево од него ќе биде група на викачи и ќе вика за да го гони дивечот, а онаа десно од него ќе биде група на “лупачи“ која, пак, за да го гони дивечот ќе “лупа“ во тенџериња.
И уште, сериозен и загрижен утрешниот лов да помине во најдобар ред, им подвикнал дека кој има да праша нешто може да го стори тоа веднаш, а утредента се мора да оди како подмачкано. Се јавил некој од групата на викачите и, онака понизно, со зарипнат глас, го прашал директорот дали може да го префрли во групата на “лупачите“, да лупа по тенџерињата, зашто е болен и не може да вика. Така, за прв пат во современата македонска историја тенџерето е искористено како симбол на мек отпор.
Втор пат, тенџерето, како симбол на отпорот, се појавува на крајот од минатата година. Некаде пред новогодишните празници, ноќе, додека немало никој, а луѓето кои блокираа одморале малку дома, вработените во скопски Комуналец, со асистенција на полицијата, ја расчистиле шаторската населба во паркот спроти зградата на Собранието.
Притоа, како што беше кажано утредента, на прес конференција на организаторите на блокадите, било одземено и тенџере за посна светиниколска сарма. И, беше најавена радикализација на протестите со блокада на четириесет градови во државава.
Така, тенџерето, како симбол на отпорот, станува поважно и од името на државава и од уставните измени, заради кои вакви протести не се најавуваа. Но, според непотврдени информации, Владата, на посебна седница, расправала за сериозноста од последиците кои би настанале со блокадата на четириесетте града, па, на интервенција, лично на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, тенџерето за посни светиниколски сарми било пронајдено и вратено и, како што знаеме, радикализацијата на протестите со најмасовната блокада до сега беше откажана. Што е важно името и уставните измени, кога тенџерето како симбол на отпорот, повторно е тука. Па, уште и неколку фотографии по социјалните мрежи, со тенџерето в рака, за да видат нашинците низ светот што праќаат пари, дека главната битка, битката за тенџерето како симбол на отпорот, е добиена.
И, еве деновиве, тенџерето и по третпат се појавува како симбол на отпорот во државава. Сега и момчињата од навивачката група “Комити“ не повикуваат на ден Божик да чукаме по кутрото тенџере. Овојпат масовно, секој, кој каде ќе се најде, во тенџере какво што ќе има.
Овојпат сите обединети, без разлика на боја, големина, материјал. И “комитите“ сфатија дека, зарипнати од новогодишните прослави, луѓето не можатда бидат викачи, па, барем нека бидат “лупачи“. Нека чукаат по лонци, котли, тенџериња и тенџерчиња. Додека оние што ќе гласаат за уставните измени ќе тропаат по тендерчиња. Како награда, се разбира.
Текстов може да го разбере кој како сака, како шега, како сатира, како вистина. Но,реалноста е една. За жал, македонскиот народ не ја согледа опасноста кога пред две години, на парламентарните избори, со гламурозна реклама, му го понудија малиот експрес лонец од американска изработка и не го искрши со камења, стапови, секири и се што имаше при рака. Денес, тој порасна во голема локомотива поставена на погрешен колосек. Забревтана локомотива, која композицијата Македонија, заедно со народот во неа, ја води во длабока бездна. И што фајде што при падот ќе се уништи и локомотивата, кога ќе ја повлече со себе композицијата заедно со народот во неа.
Затоа, бидејќи, ниту колку Индијанците не успеавме да го искршиме експрес лонецот додека беше мал, сега, според зимскиот ред на возење, имаме уште броени минути да ја сопреме забревтаната локомотива да не не одведе во бездната без повраток. Броени минути да ја спречиме националната катастрофа на македонскиот народ. Броени минути кои мораме да ги искористиме.
Страшо Ангеловски
(авторот е претседател на МААК)