Коле Манев

Уште од првиот ден од мојот двомесечен престој во Париз, побуден од извесна професионална и татковинска љубопитност, низ сите можни медиуми трагав по некаква вест за важните настани кои се случуват во нашата земја. Нели, се случи договорот од Нивици со кој потврдивме дека знаеме долгорочно да ги омекнуваме односите со соседите. Во тоа време видни личности од цела Европа ни дојдоа на гости, го пофалија Заев како голем визионер и храбро тргнавме кон извршување на замислените задачи – промена на Устав, промена на име и што уште не!

Гледано од домашен агол, сe создадe еуфична атмосфера дека кај нас се случува светски настан со тоа што доброволно ќе го смениме името на државата, па откако тоа ќе се случи кога ќе влеземе во НАТО и ЕУ (ако такво нешто воопшто се случи?) кај нас ќе почне да блика радост и социјална благосостојба.

Гледајќи од надворешна визура, станува јасно дека демократскиот свет не перцепира поинаку, не гледа со друг диоптер, можеби затоа никој не не ни споменува, па се добива впечаток како Зоран Заев во својата политичка торба нема повеќе што да продаде. Или можеби си велат, кога се одлучивте за таков чекор нека ви е со среќа!

Не дека очекува дека Европа и светот ќе зборуваат само за нас, не, туку така, барем одвреме-навреме да не споменат. Можеби еднаш во месецот или во годината. Не помпезно, туку сосема тивко и скромно, колку да добиеме верба дека сме на добар пат и дека пријателите не не заборавија. Можеби некој ќе рече зошто Франција треба да не споменува и да се грижи за нашата иднина кога и таа си има свои проблеми со „Жолтите елеци“ кои веќе осум недели демонстрираат во Париз и низ многу градови од Франција!

Кога ги посочив „Жолтите елеци“, како судбината или случајноста да не поврзаа со демократскиот свет. На први декември се случија драматични настани во Париз во кои беше сквернавена и Триумфалната капија, поради што мнозинството граѓани на Франција остро ги осудија ваквите настани, тврдејќи дека право е на секој да демонстрира, но културните споменици никој не треба да ги оштетува бидејки со таквиот чин се девалвира историјата и културното наследство на земјата.

Пароли на Тримфалната капија во Париз

Некои од тие кои ги извршија таквите вандалски настани беа притворени и ќе бидат  судени. И ние имаме Триумфална капија, не е толку важна како оваа во Париз, но е дел од нашата понова историја и култура. И нашата капија беше сквернавена со кондоми полни со боја, меѓутоа, парадоксот да биде поголем, во Франција учесниците се притворени и ќе им се суди, а кај нас извршителите не само што не се осудени, туку едниот стана премиер, неговата соучесничка во сквернавењето си се постави за министер за одбрана, а згора на тоа, некои наши пријатели од ЕУ сметаа дека оштетувањето на капијата Македонија било во рамките на демократијата! Нека се осудат господата од Брисел да споменат такво нешто за случувањата околу Триумфалната капија во Париз. И покрај бурните настани, во Париз и понатаму се случуват важни културни настани, посебно тие од ликовната дејност. Така во Гранд Пале тече изложба на Хуан Миро, во музеј Луксембург се случува изложбата на Алфонс Муша, во музеј Орсе сеуште трае изложбата на Реноар, еден од поважните претставници на импресионизмот. А во истиот музеј до крајот на јануари може да се види изложбата на Пикасо со дела од синиот и розевиот период.

Ете, така е овде. А како е кај нас, знаете и сами.