Јавноста во Белгија денеска реагира на вчерашната изјава на белгискиот државен секретар за азил Тео Франкен дека „треба да се најде начин да се заобиколи членот 3 од Европската конвенција за човекови права“.

Франкен, кој доаѓа од редовите на екстремно десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА) вчера по состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ оцени дека Унијата треба да најде начин да ја возобнови праксата на враќање на мигрантите и бродовите кои пристигнуваат на европските надворешни граници.

Таа пракса постоеше во Европа пред да биде забранета од Европскиот суд за човекови права во 2012 година, кој оцени дека врз основа на членот 3 од Конвенцијата за човекови права, кој забранува тортура и нехумано и понижувачко однесување, европските земји не смеат да ги враќаат бродовите со мигранти кои пристигнуваат на нејзината територија.

Франкен вчера порача дека  ЕУ „треба да може да ги враќа назад бродовите и да најде начин да го заобиколиме членот 3 од Европската Конвенција за човекови права“.

Изјавата предизвика бура во белгиската јавност. Шефот на опозициската Социјалистичка партија и поранешен премиер Елио Ди Рупо порача дека Франкен „полудел“.

– Овие изјави го надминуваат здравиот разум. Државниот секретар повикува да не се почитуваат основите на демократијата, изјави Ди Рупо.

Коментатори, интелектуалци и активисти утрово бараат белгискиот премиер Шарл Мишел да се изјасни околу изјавите на неговиот коалициски партнер.