Три годишно девојче го загуби животот, а четири лица се повредени во сообраќајна несреќа која вчера попладне се случи на локалниот пат меѓу скопските села Патишка Река и Осинчани. Со телесни повреди, неофицијално, се нејзината сестра која има една ипол година и родителите.
Во несреќата, информира МВР, учествувале автомобил „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управуван од У.О.(19) од с.Студеничани, скопско и автомобил „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Ф.А.(29) од Скопје.
-Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила малолетна сопатничка од патничкото возило „мерцедес“, која била пренесена во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, каде починала. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата е предадено на обдукција, информира МВР.
Со телесни повреди се здобиле возачот Ф.А., сопатничката Р.А.(24) и уште една малолетна сопатничка, двете од Скопје, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, како и возачот У.О., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје, а У.О. бил лишен од слобода по член 300 став 2, а во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.