Осумнаесетгодишна девојка загина, а две лице се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи вчера во близина на наплатната станица „Романовце“ Кумановско, соопшти денеска МВР.
Во сообраќајната несреќа учествувале автомобил „ауди“ и товарно возило „застава“.
– Вчера во 21.55 часот во СВР Куманово било пријавено дека на автопат Скопје – Куманово, на околу еден километар пред наплатна станица „Романовце“, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „ауди“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.В.(20) од Куманово, и товарно возило „застава“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од Д.В.(55) од кумановското село Старо Нагоричане. На местото на незгодата починала М.М.(18) од Куманово, сопатничка во возилото „ауди“, додека С.В. се здобил со тешки телесни повреди, а Д.В. се здобил со телесни повреди, констатирани во болницата во Куманово, соопшти МВР.
Увид на местото извршиле јавен обвинител и екипа на СВР Куманово, а по наредба на обвинителот, телото на починатата било дадено на обдукција.
Сообраќајна несреќа вчера се случи и на локалниот пат Куманово – село Романовце кај месноста „Мачја глава“, соопшти денеска МВР. Во несреќата учествувале два автомобила. Повредени се двајца малолетници од кои едниот возач, другиот совозач и уште две лица.
– Во 16.15 часот во СВР Куманово било пријавено дека на локален пат Куманово – село Романовце, кај местото „Мачја глава“, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „фолксваген поло“, со тетовски регистарски ознаки, управувано од малолетник од Куманово и патничко возило „бмв“, со швајцарска национална ознака, управувано од А.Д.(29) од кумановското село Романовце, Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот на возилото „фолксваген поло“ и друг малолетен сопатник во истото возило, додека со телесни повреди се здобиле А.Д. и С.Б.(39) од Куманово, совозач во возилото „бмв“, констатирани во болницата во Куманово-соопшти МВР.
Увид на местото на сообраќајната несреќа извршиле екипа на СВР Куманово и јавен обвинител.