До доцна синоќа биле пријавени 8.278 позитивни резултати од направените селф тестови, односно тестови за домашна употреба задолжителни за учениците и просветните работници во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Селф тестовите се задолжителни двапати седмично, а негативен резултат е предуслов за посетување настава за учениците од основните и средните училишта во Грција, а истото важи и за нивните наставници и професори.
Според информациите од Министерството за образование на Грција од тестирањето на 1,6 милиони ученици и просветни работници, до синоќа имало 8.278 позитивни резултати.
Минатата седмица, со почетокот на второто полугодие, задолжителни беа три тестирања и откриени 31.000 позитивни случаи кај ученици и просветни работници.
Тестовите се подигнуваат бесплатно од аптеките со матичниот број на учениците и професорите и наставниците, задолжително е тестирање 24 часа пред почетокот на наставата секој вторник и петок, а резултатите се внесуваат на специјална платформа од каде што се добива потврдата со негативен резултат, задолжителна за сите ученици од четири до 18 години.