Проблемите на тетовскиот водовод според историските податоци се јавуваат уште во фазата кога и не постоел, односно во перидот на создавање на планот за градење на градски водоснабдителен систем почнувајќи од 1924 па се до 1931 година кога завршиле градежните работи.
Ова се открива во трудот „Изградба на тетовскиот водовод 1925 до 1931 година“, на авторката Вера Гошева како дел од стручниот зборник на трудови „Просторно планирање во Југоисточна Европа“, објавен од Дарко Гавровски, хроничар на Тетово. Во текот на август, Тетово повеќе денови поради дефекти имаше целодневни прекини во водоснабдувањето во речиси целиот град. Со вакви проблеми Тетово поради недостиг на водата за пиење, со оглед на драстично зголемување на населението, се соочува интензивно со почетокот на 90-тите години на минатиот век.
– Иако првичен предлог имал инжинер, вработен во Општина Тетово, Генералата дирекција за води во Белград проектот го има доверено на стручно лице од нивните редови. Тетовскиот инжинер Миладин Печинар предвидувал водоводот да носи во градската мрежа 29,7 литри вода во секунда, додека дирекцијата утврдила проект со кој се предвидуваат 100 литри вода во секунда со проценка дека населението во градот ќе расте еден процент годишно. Било потребно да поминат две години за главниот проект за водоводот биде завршен, се наведува во трудот на Гошева.
До 1924 година, во Тетово граѓаните се снабдувале од градските чешми кои во рамки на османлиското царство се граделе со носење на вода од ридот Балтепе.
Во главниот проект три можности биле во оптек за користење на изворска вода. Тоа се изворите „Драга вода“, група на извори „Гајре-Лавце“ и извор „Ладна вода“. И тука се јавиле проблеми кога требало да се користи изворот Драга вода како избор за место од каде се носи вода до тетовските домаќинства.
– Во текот на обидите да се каптира водата од изворот Драга вода имало противења на жителите на Шипковица, Лисец, Мала и Голема Речица, Брвеница. При изградбата, на обележаната траса има отстапки, бидејќи имало проблеми со бројот на тогашните „преливни бунари“ кои служеле за пренесување на водата. Тоа го решила Комисија на Кралската банска управа кои после детално согледување на теренот го има зголемено бројот на преливни бунари, воздушни вентили и друг вид на инфраструктура за водоводните цевки, стои во трудот.
Проблеми имало и поради парите. Општина Тетово тогашни шест милиони динари побарала од Државна хипотекарна банка. Намерата била да се издвојат 4.200.000 за градба на самиот водовод, еден милион за откуп на плацеви каде требало да поминува, како и 800 илјади динари за поправка на калдрмата низ градот каде би се копало за поставување цевки на главните градски улици.
– Но општина Тетово добила заем со пет милиони динари во 1929, па барале дополнително еден милион динари, па сето тоа влијаело во работата на промени на планот за градба. Проблемите со парите го оптеретило градењето на резервоар бидејќи првично се одлучило да се намали големината, па се променила одлуката кога се нашле дополнителните средства, се вели во трудот.
Должината на доводот изнесувала четири километри и 674 метри. Водовод бил официјално пуштен во употреба во ноември 1931 година. Годината кога е завршен водоводот, Тетово имал 16.359 жители.
Сега општина Тетово која брои над 80 илјади жители според пописот од 2002 година се снабдува со вода од четири извори. Според податоците во „Студија-Извештај за стратегиска оцена на животната средина за нацрт Програма за водоснабдување, одведување, собирање и прочистување на урбани отпадни води за Агломерација Тетово“ од 2016 година, сега изворот Драга Вода кај Шипковица дава од 10 до 20 литри во секунда од кои пет литри оди за водоснабдување на селото Гајре. Остатокот на количеството на вода се транспортира со цевковод и е поврзан на стариот цевковод од Попова Шапка до Тетово.
– Останатите три извори се – Вакуфски извор, кој е највисокиот на надморска височина од 1940 метри. Уливерички извор се наоѓа на надморска височина од 1760 метри. За потребите на системот за водоснабдување во Тетово, само еден дел од изворот бил затворен во 1989 година, додека вториот дел делумно се користи за наводнување на земјоделските површини во Горно Палчиште (приближно 30- 40 l/s, заради отворено канал) и последниот дел од преостанатата вода го следи природното речно корито и подоцна се собира во каналот Шарски води, кој ги собира водотеците по должината на рутата на каналот и ги транспортира во Мавровското Езеро. Големи извори се наоѓаат во рамките на туристичкиот комплекс Попова Шапка, на просечна надморска височина од 1710 метри и се лоцирани на падините кои во зимскиот период (во добра состојба) се користат како скијачки терени. Два зафати се изградени во 1956 година, се наведува во студијата.
Од четиритe извори, три се поврзани со главниот резервоар кој се користи како спроводник кој поминува низ четири мали хидроцентрали пред да влезе во резервоарите на градот. Сите извори заедно обезбедуваат околу 250 литри вода во секунда вода, во просек. Минималниот месечен проток е околу 120 литри, додека месечниот максимум околу 500 литри. Постојат и шест бунари како стенд-бај капацитети кои се направени во 2002 година, во границите на градот за да бидат ставени во функција во случај на недостаток на вода, бидејќи изворите се соочуваат со минимум производство во февруари / март, додека максимум се јавува во мај / јуни. Бунарите според претставниците на ЈКП Тетово, многу ретко се користат.
Во Студијата за валоризација на природните вредности на Шар Планина евидентирани се над 100 извори со вода.
Александар Самарџиев за МИА