Започна исплатата на повратот на ДДВ на граѓаните за месеците април, мај и јуни, односно второто тримесечје од 2020. Досега на сметките на над 140 илјади граѓани се легнати над 167 милиони денари или 2,7 милиони евра.

Ова го објави министерката за финансии во заминување, Нина Ангеловска.

Таа преку својот Фејсбук профил најави дека исплатата продолжува и деновиве, како што ќе се доставуваат налозите до Трезорот на Министерство за финансии, се додека не се исплатат сите средства на трансакциските сметки на граѓаните за второто тримесечје од 2020.

– Поврат: 5,44 милиони евра; граѓани кои скенирале сметки заклучно јуни: 304.637 граѓани или
околу 25.000 повеќе во однос на претходното тримесечје; скенирани сметки: 41,7 милиони сметки; аправен промет: 21,4 милијарди денари, наведува Ангеловска.

Министерката ги оценува како одлични резултатите на МојДДВ за јули и посочува дека се скенирани 21,5 милиони сметки или за 80 отсто повеќе во однос на просекот од сите останати месеци.

Потсетува и дека со МОЈДДВ граѓаните добиваат трикратна корист: помагаат во сузбивањето на сивата економија, добиваат поврат на ДДВ и добиваат можност за бројни парични награди преку #МојаНаграда.

Деновиве Ангеловска освен со Мој ДДВ е актуелна и со подигањето на нејзиниот влог во пропаднатата Еуростандард банка, пред да биде објавено дека истата ја губи дозволата за работа од Народна банка.