По завршувањето на Првата светска војна, Вардарскиот дел на Македонија се најде во рамките на Кралството СХС, подоцна Југославија.

И понатаму било забрането слободното национално изразување на Македонците. Сепак ослободувањето од османлискиот систем овозможило повеќе активности на културен план.

На полето на музичкиот живот носители на организираните друштва биле режимските институции и луѓето блиски до нив. Низ ваквите форми режимот очекувал дека ќе се продлабочи српското национално чувство кај македонското население. Тоа особено важело за хоровите.

Сепак со текот на времето, во нив се зачленувале се поголем број членови од тогаш напредното движење, и овие пејачки друштва, на извесен начин го губеле првобитното значење.

Освен државните (училиштата и Соколаната) особено црковните институции, носители на музучкиот живот биле и синдикалното движење, како и голем број приватни иницијатори, особено на вокално-инструментални состави во кои независно од власта, ги следеле европските музички трендови на своето време, но ги негувале и автентичните македонски музички традиции.

Традицијата во Тетово според која речиси во секое семејство морало да има по некој член што знае да свири на некој инструмент, е резултат на духот на луѓето, во редовните семејни забави, т.н. повечеринќе и сето тоа не било само потреба во семејствата туку и престиж.

Мошне често во овој период се среќаваат семејства со повеќе членови што знаеле да свират по некој инструмент, како виолина, мандолина или прим, па во вечерните часови се слушале музика и песна од чардаците и одаите. Сепак, најчесто на овие домашни средби се употребувало дајрето.

Поради големиот интерес за едукација на децата во тетово успешно егзистирале приватни музички училишта. Некои од нив работеле бесплатно, како она на Гиче Берберот, но некои работеле професионално како на пр. училиштата на Никола Новаковиќ, Спиро Гребенароски и Симеун (Семјон) Штејн. Берберот Панче Димитриевски имал своја мала школа за мандолина и гитара(…).

Освен по домовите инструменти се чувале и во занаетчиски дуќани и особено во берберниците каде што каде што било традиција при отворањето и затворањето на дуќаните калфите и чираците да свират и пеат со своите мајстори. Според Драго Симоски оваа традиција е преземена од Французите. Оттаму меѓу берберите ќе се појават вистински мајстори на инструменталната музика. Така тетовецот Сане Брадина имал берберница кај денешната Стара пошта и таму свиреле Спиро Топорко и Панче Димитриевски-Берберот.

Во периодсот меѓу двете светски војни, во Тетово се развива богат музички живот и тој се одвива генерално во два правца и тоа хорско пеење и инструментални состави, а двата вида состави негувале народна староградска музика, класична и црковна музика, а во триесеттите години и модерна музика која доаѓала од западните земји.(…)

Интересно за Тетово е тоа што во перидот меѓу двете Светски војни не свиреле чалгаџиски групи. Од Тетово, едноставно затоа што во таков состав ги немало. Побогатите семејства повикувале познати чалгии од Велес или Скопје. Сиромашните граѓани, пак, свадбите ги правеле со „каба зурлите“ (големи зурли) и тапани, кои биле карактеристични за тетовскиот крај.

Што се однесува до свадбите и славите во Тетово свиреле и пееле повеќе тетовски друштва со инструменти, но тоа го правеле без паричен надомест и претежно за своите роднини и другари. Една од ретките тетовски групи кои пееле на свадбите и на еснафските слави, како и на верските празници кога имало масовни собири во Лешочкиот манастир, на Тетовското кале и во црквата Св. Ѓорѓија во Мала Речица била онаа на Јане Ѓорѓески со синовите Душан и Трпе на дувачки инструменти.

Јане свирел на кларинет, Трпе на труба и фригорна и Душан на контрабас. На овој состав им се приклучил и Нофко од Куманово кој свирел на кларинет, труба и на други инструменти.

(Според книгата „Македонците во Тетово од ала франга до ала турка“ од Бранислав Светозаревиќ Покорни, Скопје 2015 г.)

(Подготви: Марко Китевски)