Минатата година трговската размена со Германија изнесувала 3,2 милијарди евра, од кои 2,4 милијарди евра се извоз од Македонија, што е историски највисоко ниво.
Во првите три месеци позитивниот тренд продолжува, но сепак соработката може уште повеќе да се развива, преку иницијативи за поврзување на компаниите, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на бизнис приемот, организиран од Фондацијата Фидрих Еберт, Министерство за финансии и Град Скопје. На приемот присуствуваше германскиот пратеник Метин Хакверди.
– Традиционално македонско-германската економска соработка е силна. Германија е најзначајниот партнер на Македонија во стоковата размена. На наше големо задоволство, кај трговската размена имаме нагорен тренд. Имено, во 2017 година имаме историски највисока размена во износ од 3,2 милијарди евра, односно раст од скоро 13 проценти во однос на претходната година. Имаме и највисока стапка на раст на извозот кон Германија од 2,4 милијарди евра, или 15 проценти повисока во однос на 2016 година. Овој тренд продолжува и во првото тримесечје од 2018 година со раст од 16 проценти, истакна министерот за финансии.
Како што посочи Тевдовски, инвестициите од Германија во последните десет години изнесувале околу 250 милиони евра, но потенцијалот е многу поголем за вложување на германските компании во земјава. Министерот рече дека Македонија може да понуди квалификувана работна сила и добра бизнис клима.
Во своето обраќање Тевдовски истакна дека Владата е посветена на евроинтеграциските процеси и спроведување на реформите.
Тевдовски истакна дека транспарентноста е значително зголемена, јавниот долг е ставен под контрола, додека инвеститорите ја вратиле довербата во македонската економија