Оданочување со стапка од 8 проценти за доход кој надминува 90 илјади денари месечно, објави на денешната прес-конференција, министерот за финансии Драган Тевдовски.
– Предлагаме воведување дополнителна стапка од 8 проценти за доход кој надминува 90 илјади денари месечно. Дополнителните 8 проценти би се плаќале само на дополнителни доходи над 90 илјади денари. Ова значи дека за мнозинството граѓани даночната стапка ќе остане 10 проценти. Прагот од 90 илјади денари го избравме бидејќи ги опфаќа најдоходовните еден процент од вкупното население, истакна Тевдовски.
Со воведувањето на прогресивен данок државата ќе добива 25 милиони евра кои, како што рече Тевдовски, ќе бидат искористени за борба против сиромаштијата.
Прогресивното оданочување на приходите беше најавено во март годинава, а тоа беше и дел од програмата на СДСМ.
– Зборот е збор. Во нашата Изборна програма, а тоа е влезено и во Програмата на Владата ветивме воведување праведен данок кој имаме обврска да го реализираме. Ова го ветивме затоа што веруваме во солидарноста и дека е човечки оние кои имаат повеќе да им помогнат на оние кои имаат помалку. Само преку помагање можеме да изградиме општество во кое сите ќе имаме доволно, односно еднакви права и можности, истакна Тевдовски.
Додаде дека праведното оданочување е пракса во успешните економии во светот и оти доминира во Европа и САД. Од нашите соседи, Албанија го има заменето рамниот со прогресивен данок уште во 2014 година.
Покрај ова се зголемува и даночното ослободување на платите и пензиите од сегашните 7.500 на 8.000 денари. Со тоа, како што рече Тевдовски, се намалува ефективната даночна стапка за оние граѓани со помали примања.
Македонија, како што појасни Тевдовски, има многу ниски буџетски приходи од 28 проценти од БДП, што е едно од најниските во Европа, а со реформите се очекува да се обезбедат дополнителни 25 милиони евра кои ќе бидат искористени за борба против сиромаштијата.