Со изведба на химните на Хрватска од страна на далматинската клапа „Грделини“ и на Македонија од страна на пејачката Елена Ристеска, синоќа во Европската куќа во Скопје беше одбележано меѓународното претставување на хрватското претседавање со Советот на ЕУ.

Амбасадорката на Република Хрватска Нивес Тигањ, која го претстави хрватското претседавање со ЕУ во наредните шест месеци, рече дека Хрватска, седум години по влезот во клубот на ЕУ, првпат го презема претседавањето и како најмлада членка има шанса да ја обликува европската политичка агенда.

– Како најмлада членка, со свежа меморија за пакетот за проширување, Хрватска е свесна за сите предизвици и можности што стојат на Вашиот пат. Можеби се чини дека постигнувањето на вашата цел за членство е прекриена со предизвици и пречки, но како дра пријател на македонската нација Хрватска ќе биде тука да ја понуди својата поддршка и секогаш да Ве потсетува дека сето тоа вреди, истакна амбасадорката.

Амбасадорката посочи дека за време на хрватското претседателство, но и во годините што доаѓаат, Хрватска ќе продолжи да ја нагласува потребата од забрзување на процесот на пристапување со Македонија. Бидејќи, како што кажа, македонскиот народ отсекогаш се смета за пријател на нашата земја, и јасно докажа дека припаѓа во европското семејство.

– Секогаш можете да сметате на Хрватска, споделувајќи го нејзиното искуство за спроведување на реформите, и силна политичка поддршка на вашиот европски пат. Убедена сум дека вечерашниот прием е само почеток на нашата заедничка работа. Хрватска и Македонија, кога ќе ги здружат силите, секогаш резулатот е позитивен, подвлече амбасадорката Тигањ.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој исто така имаше кусо обраќање на приемот, рече дека 2019 година беше турбулентна за регионот, имаше добри работи но и нешта на кои сакаме да заборавиме.

– Сметам дека 2020 ќе почне со свеж состав на Европска Комисија, новиот еврокомесар за проширување денеска е во градот, и има средби со новата Владата, тоа е ветувачки почеток. За време на средбите тој укажа на претпазлив оптимизам дека оваа година ќе биде подобра отколку претходната, рече Жбогар.

Изрази задоволство што Хрватска е сега претседавач со ЕУ.

– Тоа е одлично за целиот регион. Таа е земја што одлично го познава регионот, земја која го разбира регионот и која се грижи за регионот во момент кога важни одлуки ќе бидат носени за регионот, вклучително и на Самитот во Загреб во мај, истакна Жбогар.

Премиерот Оливер Спасовски, кој присуствуваше на приемот, рече дека претседателството на Хрватска со ЕУ започнува во важен момент за Македонија и во момент кога и ние очекуваме да ги започнеме преговоите со ЕУ и тоа и било заеднички успех.

– Факт е дека Република Хрватска е голем поддржувач на нашата земја, на патот и кон НАТО и кон ЕУ. С. Македонија направи се што требаше да биде направено во однос на исполнување на критериумите и јас очекувам дека Европскиот совет ќе ја исправи одлуката од октомври и ќе донесе вистинска одлука со надеж и силна порака не само за нашите граѓани, туку и за граѓаните на целиот регион, истакна Спасовски.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров рече дека вчера беше убав ден за македонските европски амбиции, прво со посетата на комесарот за проширување Оливер Вархеји, кој испрати убави пораки за нашата земја.

– Тој самиот кажа дека сме ние прва земја што ја посетува што е вон Европската Унија, тоа е на некој начин еден убав сигнал. Кажа многу убави пораки – 50 милиони евра награда за реформски достигнувања, вчера тоа го најави на прес-конференција, кажа дека работи на новата методологија, и кажа дека работи на одлука конечно да почнеме со пристапните преговори, пред самитот во Загреб. Тоа му беа неговите три клучни пораки, рече Димитров.

На приемот свој настап имаше и гитаристот Влатко Стефановски кој ја изведе „Јовано Јованке“.