Дарко Јаневски
Решението за востание било донесено. Бил избран месец јуни. Биле определени и првите сигнали: палење огнови во селата, а таму каде што има српски четници и жандари, да се запалат нивните куќи. За селото Долни Дисан, турско-помачко село, било донесено решение да се запали целото, бидејќи неговите жители се најпредани на српската власт и прават зулуми.,
Точно во тоа време, во Ваташа беше откриена четата на Дончо Лазаров која се состоеше од 33 четници, сите од Ваташа и Кавадарци. Четата беше разоткриена од Турци помаци кои ја предале на српската власт. Од Кавадарци веднаш заминува силна воена единица на Петтата дринска дивизија, српската чета на Коста Павловиќ и турска збирштина од Кавадарци, Дреново, Росоман, од Долни Дисан и Ваташа.
Диме Пинџуров, таткото на Страшо Пинџур, еден од водачите на Тиквешкото востание
Селото Ваташа е на еден километар од Кавадарци. Во него се наоѓа старо скривалиште, од населението нарекувано катакомби, познато на мало и на големо. Скривалиштето не им било предадено ниту на Турците, ниту на Србите. Тоа им дало прибежиште на старите арамии, тука се криел и најстариот брат на баба Наца Пинџурева.
Така, четата на Дончо се крие неколку дена, а Србите и Турците вршат насилства и ѕверства во селото… Најмногу беа малтретирани Зарко Илиев, Тоде Мицев, Хаџи Јорданов и првата членка на македонската револуционерна организација за Тиквеш, Наца Пинџурева, мајка на помошник војводата, саканиот од сите тиквешани, Диме Пинџурев. Српскиот мајор Ѓуровиќ му наредува на Турчинот, жандарм од Кавадарци, убиецот Ќазим, да и ги врзе рацете на херојката Наца Пинџурева, за полесно да биде испрашувана. Ќазим и уште неколку слични на него се нафрлаат врз незаштитената жена, рацете и ги врзуваат назад, а српскиот мајор и ја завиткува левата рака, ја симнува на колена и со десната рака со својата тупаница почнува да ја удира по главата и каде ќе стигне, за да каже каде се крие нејзиниот син Диме, кој се вратил од Бугарија.
Смиреноста на Наца Пинџурева и нејзиниот благ карактер се познати во цела Тиквешија и дури и тука, подложена на страшна инквизиција, таа е истата, мирна, само одвреме-навреме ги затвора очите од физичката болка што и се нанесува. Се соземала, одговорила мирно и мајчински: „А, бре синко, не знам каде, а и да знам, и доликува ли на мајка да си го предаде синот на душманите?“ Разбеснат, српскиот властодржец викнал: Дајте усвитено железо! Неговото орудие Ќазим, предвреме се погрижил за тоа и веднаш донесува светло жолто вжештено железо. Мајорот наредува да се стави на стапалата од нејзините нозе. Ќазим го става вжештеното железо, ту на едната, ту на другата нога. Од силните болки Наца Пинџурева паѓа во несвест, не прозборувајќи ни збор. Српскиот џелат, мајорот Ѓуровиќ, мислејќи дека бабата умрела, ја размотува раката од нејзината коса, ја фрла на подот и ја клоцнува два пати. Соседите на Наца веднаш притрчуваат на помош. Иако се уште беше млада, сите ја нарекуваа Наца. Нејзините заслуги за народното дело се големи. Таа ги криела тиквешките револуционери. Кај неа доаѓале Гоце, Даме, а најчесто Тоше. Легендата вели дека од баба Наца не можело да се извлече никаква тајна. Соседите веднаш се зафаќаат со нејзино освестување. Едни ја прскаат со вода, други ја масираат да се освести, а трети ги чистат и преврзуваат раните на стопалата. Ја ставаат брзо до оџакот покрај нејзиното сламено душече, со главата до малото прозорче, кое гледа кон исток. Главата и гори од оган, мокрите крпи често се менуваат, доказ дека температурата е висока. Благодарениа на грижатата на добрите луѓе, по два часа баба Наца ги отвора очите и тивко прашува: Реката ли надојде, та толку бучи.
баба Наца Пинџурева
Ова според спомените на Благој Видов, е сцена од предвечерието на Тиквешкото востание, водено во јуни денови 1913 година со цел да се протера српската војска од тој дел на Македонија. Наца Пинџурева е баба на народниот македонски херој од Втората светска војна Страшо Пинџур, убиен од Бугарите во 1943 година, а измачувањето со усвитено железо било мотивирано од желбата на мајорот Ѓуровиќ, баба Наца да каже каде е нејзинот син., Диме Пинџуров, татко на Страшо Пинџур. Три децении подоцна, во 1943-та, токму неговито син, внукот на Наца, Страшо, убиен е токму од тие од кои во тие летните денови 1913 година се чекала помош за ослободување од Србите – од Бугарите.
Страшо Пинџур
Тиквешкото востание со децении е затскривано под тепих затоа што таа, 1913 година, кога населението сфатило дека Србите немаат анмера да се повлачат, така како што им било кажано дека бил договорот меѓу сојузниците во Првата балканска војна, повеќе сакало да се приклучи кон Бугарија, отколку да остане под српска власт. Затоа, на ова востание е гледано како на непосакуван дел од македонската историја.
Востанието се водело во текот на јуни, и како резултат на воените акции, Кавадарци и Неготино седум дена биле слободни. Според новиот стил, тоа се случило токму овие денови, од 1 до 7 јули 1913 година.
2На 1 јули (стар стил 15 јуни) неготинци почнаа да ги напаѓаат Србите и нивните наемници – турскиот башибозук. Уште истиот ден тие го прогонија непријателот од градот и воспоставија своја управа. На 1 јули истото се случи и во Кавадарци…,“ напишал споменатиот Видов.
Покојниот д-р Зоран Тодоровски, автор на двотомен труд за востанието, за овој дел од борбата и за настаните што следеле, истакна:
„Власта во Тиквешијата потполно била преземена од востаниците. Биле ослободени скоро сите села во Тиквешкиот округ… Повлекувајќи се на север, српската војска се утврдила на левиот брег од реката Црна, при устието на реката во Вардар, а востаниците ги запоседнале височините околу селото Паликура…“
По неколку дена следел српксиот одговор на востанието.
Тодоровски за ова своевремено истакна:
„Вооружените судири мешу тиквешките востаници и српските воени единици се одвивале токму во квечерината пред почнувањето на Втората балканска меѓусојузничка војна.“
Тоа се денови кога Романија и Грција секоја од своја страна ја напаѓаат бугарската војска, а поради што таа е принудена да ги повлече своите единици кои тогаш се наоѓаат во Вардарска Македонија, вклучувајќи ги и единиците во Тиквешијата. На чело на една од тие единици бил и Христо Чернопеев, легендардниот војвода и соборец на Јане Сандански, со кого заедно ја извеле акцијата за грабнување на Американката мис Стон во 1902 година. Српската војска бргу ја користи шансата и ги напаѓа позициите на востаниците. Паднало Неготино, по што биле убиени 171 жители, а изгорени 250 куќи и целата чаршија со дуќани.
На влезот во Кавадарци цели два дена се биеле жестоки битки и на 26 јуни според стариот календар, српските војски конечно влегле во градот. Најголемиот дел од населението, со востаниците, спас побарало на падините на Кожуф планина. Во градот, Србите веднаш стрелале 25 луѓе, меѓу нив и кметот Тасе Бошков, а во првиот налет биле запалени 50 куќи.
На шестиот ден од бегството, српскиот командант на Кавадарци, го испратил свештеникот од Ваташа, Глигор Хаџи Јорданов да ги повика бегалците собрани во Конопиште да се вратат во своите домови. Првата група од 18 луѓе што тргнала да се врати била заклана од ордите на Јаја паша. Други 19 биле убиени од Србите кај селотот Корешница. Во меѓувреме, во Кавадарци 150 луѓе биле заврзани на колци. По 30 часа на сонце, без вода, со 50 други кавадарчани, биле одвлечкани кај месноста Пољана и стрелани заедно со свештеникот Јордан Хаџи Јорданов.
Или вкупно, според извештајот на Карнегиевата комисија а врз основа на податоци што ги соопштил Кирил Прличев (синот на Григор Прличев), во текот на востанието и по него биле убиени преку 500-тини луѓе, а отприлика толку куќи биле запалени.
Само во неготинско, според Ангел Петров, кој како началник на Првата бугарска армија за време на Првата светска војна извршил анкета за извршените насилства, 115 луѓе биле убиени на следниот начин: „‘мачени, избодени со бајонети, изгорени во оган, заклани, живи фрлени во оган“.
Така завршува ова востание за кое во Македонија со години се молчеше заради неговиот бугарски карактер. Но, некко се заборава дека во тоа време, 1913 година, дури и Крсте Петков Мисирков во своите желби за иднината на Македонија, многу не се разликувал од Тиквешани. Уште повеќе, тој сметал дека дури и возобновувањето на Санстефанска Бугарија, е подобро решение за Македонија отколку поделбата на татковината. А, дека во тоа востание може да се најде и поинаква нишка, најдобро говори ваташанецот Пане Попо Коцев, учесник во настаните од 1913 година, кој подоцна напишал:
„За нас Тиквешаните е безразлично кој е окупаторот или завојувачот. Ние не трпиме туѓо, па и наше ропство во такви случаи не не плашат жртвите што неминовно мора да го дадеме. Независнота за нас Тиквешаните е најскапата народна светост.“
Од денешен аспект гледано, кога преговараме со Грција и Бугарија за нашата историја, а утре-задутре тоа ќе го правиме и со Србија со оглед на тоа што Белград веќе ги има отворено преговорите со ЕУ и земјата сигурно ќе биде членка на ЕУ пред нас, ова востание ја покажува сета мизерија во која западнавме благодарение на нашите бедни души и откажувајќи се од нашето минато.
Имено, водач односно еден од водачите на Тиквешкото востание е Диме Пинџуров, син на баба Наца и татко на Страшо Пинџур. Не е спорно дека востанието имало пробугарски карактер, па така, додека траело, водачите се собрале во Струмица и делеле кметовски (градоначалнички) места меѓу себе, од што Диме Пинџуров бил шокиран.
Независно од тоа, востаниците чекале ослободување од Бугарија и се надевале на припојување кон денешниот ни источен сосед. Тоа го дава и пробугарскиот квалификатив на Диме Пинџуров. Неговата мајка, пак, баба Наца, е жена која ги криела Гоце, Даме и Тоше. Член на ВМРО, организација која се бори за автономна, па самостојна Македонија.
Нејзин внук, и син на „Бугаринот“ Диме е Страшо Пинџур, убиен од Бугарите во 1943 година како Македонец и комунист. Но пред се како човек кој се бори за Македонија со население кое има македонско национално чувство. Јасен ви е сега апсурдот? Зарем Страшо одел против националноста на неговиот татко или неговата баба. Или обратно, зарем баба Наца и Диме се откажале од внукот и синот заради тоа што станал Македонец, вештачка творба наспроти нивното „бугарско“ национално чувство? Како тоа ќе го ставите во калап со кој во исто време ќе бидете добри со Бугарите, Србите и Грците? Зарем Страшо немал корени, немал татко, па е вештачка творба на комунистите? Како ќе преговарате за ова? И што ќе правите кога, откако ќе се договорите со Бугарите, утре ќе налетате на Србите, ако седоговорите со нив, ќе ве блокираат Грците?