Франција се уште не одлучила како ќе се изјасни за отпочнување на преговорите на РС Македонија со ЕУ и за неа е многу важно владеењето на правото, а одлучувачки ќе биде генералниот пристап за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, изјави денеска францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
Тој потенцира дека случајот „Рекет“ треба да се разгледува реално и да се стави крај на неказнувањето на политичката елита и на едната и на друга страна.
-Се разбира дека за датум за преговори ќе бидат земени предвид заслугите на секоја земја индивидуално, меѓутоа постои глобална визија за иднината на Европската унија, а таа претпоставува регионална димензија, која е многу важна во одлучувањето. Заслугите и индивидуалниот прогрес на секоја земја ќе бидат вреднувани одделно, но генералниот пристап за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан ќе биде најважен, истакна амбасадорот Тимоние, во врска со тоа дали Македонија ќе биде разгледувана во пакет со Република Албанија кога ќе се одлучува за доделување на датум за отпочнување на преговори со ЕУ.