Позитивната динамика којашто се воспостави со чинот на потпишувањето на Договорот за пријателство во 2017-та и која продолжи со Договорот од Преспа, овозможи да се дојде до едногласната одлука на земјите – членки за отпочнување на преговорите за пристапување кон Унијата. Тој позитивен дух мора да го зачуваат двете страни, особено во рамките на активностите на експертските комисии кои дадоа одредени охрабрувачки резултати, вели во интервју за МИА амбасадорот на Франција во земјава Кристиан Тимоние.
– Треба да се продолжи со изнаоѓањето заеднички прифатливи решенија, засновани врз научни истражувања и во духот на меѓусебното разбирање. Европскиот дух и ветувањето за споделени вредности овозможи прием на земји-членки во минатото и ќе овозможи интеграција на нови членки во иднина. Двете нации се согласуваат дека имаат заеднички историски и културни корени, за што сведочи и убавата иницијатива секоја година заеднички, на највисоко политичко ниво во Рим, да се чествуваат светите Кирил и Методиј. Европа има потреба, особено кога станува збор за Балканот, да го негува духот на комуникација преку почитување на другата страна. Потребно е да се смират духовите во интерес на секоја од двете држави и двата народа, но и во интерес на Европа, која мора да одговори на новите предизвици, коишто и се закануваат на нејзиниот опстанок, како и на нејзините вредности и нејзиниот просперитет, вели Тимоние коментирајќи ги оценките во јавноста за можно ново вето од Софија на евоинтегративниот пат на нашата земја.
Франција, вели Тимоние, не ги потценува прашањата наследени од минатото и во ноември 2019 година за време на нејзиното претседателство со Комитетот на министри при Советот на Европа, предложи да се основа опсерваторија за настава по историја во Европа, за да може историјата да се вреднува како заедничко наследство на помирениот европски континент.
– Франција го финансираше почетокот на овој проект кој треба да се заснова на неутрален и објективен пристап, преку разбирање на различните претстави на историјата и фактот дека не треба да се дозволи стереотипите или манипулациите да им се спротивстават на општите аспирации на европските народи заеднички да испишат ново историско поглавје, подвлекува амбасадорот Тимоние.
Тој е дециден дека реализација на членството во ЕУ како стратешко прашање не може да се постигне без забележителен напредок во областа на владеењето на правото, како и во поглед на економско и социјално приближување што бара удвојување на напорите на политичките раководства во регионот.
– Таквите активности бараат двојно поголеми политички напори од страна на државите во регионот и постепено решавање на споровите што не смееме да ги внесеме во Унијата. Здравствената криза исто така мора да нè поттикне да размислуваме за нашата безбедност, вклучително и за здравјето, што е можно пошироко : тоа е поттик за сите нас да го забрзаме темпото на промени за да останеме на висината на нашата историја, Франција се надева дека С. Македонија, заедно со други европски земји, ќе може да се приклучи кон француско-германската иницијатива за меѓународна потрага по вакцина која би била јавно добро ставено на располагање на сите народи. Таквиот европски дух мора да надвладее, преку конкретни достигнувања, вели францускиот дипломат запрашан за можното влијание на пандемијата врз процесот на проширување.
Во врска со рамката за преговорите, веруваме, вели тој, дека Комисијата ќе ги усогласи ставовите и ќе најде заеднички јазик, во согласност со европскиот интерес.
– Се надеваме дека на крајот ќе надвладее јачината на европскиот дух, со оглед на важноста на прашањата и заедничкиот интерес за успешно започнување на преговорите, врз основа на новата методологија која ја промовиравме со други земји-членки. Добрата волја што беше искажана при потпишувањето на Договорот во 2017 година, го прави овој текст цврста основа за напредок кон надминување на разликите што може да се појават меѓу двете страни, оценува францускиот амбасадор.
Во продолжение следи интегралното интервју.
Европскиот Совет во месец март и во услови на пандемија донесе одлука за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ, но во записникот од самитот беше вметната и забелешката на Бугарија како мислење на една земја членка која се однесува на идентитетски прашања. Како ги оценувате ставовите кај дел од јавноста во земјава дека ваквите бугарски барања во делот на историјата и јазикот, кои деновиве ги повтори шефицата на бугарската дипломатија, се вовед во ново вето за евроинтеграцијата на Скопје?
– Франција го поздрави Договорот за пријателство, потпишан во 2017 година, кој промовираше еден проактивен пристап за нормализирање на односите на земјата со своите соседи. Позитивната динамика којашто се воспостави со тој чин и која продолжи со Договорот од Преспа, овозможи да се дојде до едногласната одлука на земјите – членки за отпочнување на преговорите за пристапување кон Унијата.
Тој позитивен дух мора да го зачуваат двете страни, особено во рамките на активностите на експертските комисии кои дадоа одредени охрабрувачки резултати. Треба да се продолжи со изнаоѓањето заеднички прифатливи решенија, засновани врз научни истражувања и во духот на меѓусебното разбирање. Европскиот дух и ветувањето за споделени вредности овозможи прием на земји-членки во минатото и ќе овозможи интеграција на нови членки во иднина.
Двете нации се согласуваат дека имаат заеднички историски и културни корени, за што сведочи и убавата иницијатива секоја година заеднички, на највисоко политичко ниво во Рим, да се чествуваат светите Кирил и Методиј. Европа има потреба, особено кога станува збор за Балканот, да го негува духот на комуникација преку почитување на другата страна. Потребно е да се смират духовите во интерес на секоја од двете држави и двата народа, но и во интерес на Европа, која мора да одговори на новите предизвици, коишто и се закануваат на нејзиниот опстанок, како и на нејзините вредности и нејзиниот просперитет.
Франција не ги потценува прашањата наследени од минатото и во ноември 2019 година за време на нејзиното претседателство со Комитетот на министри при Советот на Европа, предложи да се основа опсерваторија за настава по историја во Европа, за да може историјата да се вреднува како заедничко наследство на помирениот европски континент. Франција го финансираше почетокот на овој проект кој треба да се заснова на неутрален и објективен пристап, преку разбирање на различните претстави на историјата и фактот дека не треба да се дозволи стереотипите или манипулациите да им се спротивстават на општите аспирации на европските народи заеднички да испишат ново историско поглавје.
Од високи функционери на ЕУ на Загрепскиот онлајн самит на кој фокусот беше ставен на справување со Ковид-кризата, дојдоа оценки дека може да дојде до одлагање на процесот на преговори поради корона кризата. Дали процесот на проширување може да забави поради пандемијата?
– Самитот се одржа во услови без преседан, кога секоја од земјите членки е потполно свесна за волјата на народите еден ден да се приклучат кон Унијата и за потребата од конкретни активности за да се овозможи реализација на ова стратешко прашање. Тоа не може да се постигне без забележителен напредок во областа на владеењето на правото, како и во поглед на стремежот за економско и социјално приближување. Таквите активности бараат двојно поголеми политички напори од страна на државите во регионот и постепено решавање на споровите што не смееме да ги внесеме во Унијата. Здравствената криза, исто така, мора да нè поттикне да размислуваме за нашата безбедност, вклучително и за здравјето, што е можно пошироко: тоа е поттик за сите нас да го забрзаме темпото на промени за да останеме на висината на нашата историја. Франција се надева дека С. Македонија, заедно со други европски земји, ќе може да се приклучи кон француско-германската иницијатива за меѓународна потрага по вакцина која би била јавно добро ставено на располагање на сите народи. Таквиот европски дух мора да надвладее, преку конкретни достигнувања.
Европската комисија од март месец по донесувањето на одлуката на Советот работи на подготовка на драфт преговарачката рамка за Македонија, која треба да биде претставена на почетокот на јуни, по што ќе следи усогласување на ставовите на земјите членки. Остварлива ли е временската рамка за заокружување на тој процес со цел согласно очекувањата на македонските власти, официјалниот старт на преговорите со првата меѓувладина конференција да се случи за време на Германското претседателство во втората половина од годинава?
– Секогаш треба да се поставуваат амбициозни цели, а уште повеќе во време на предизвици без преседан во минатото. Важноста на околностите треба да ги охрабри сите чинители да ги удвојат своите напори и да работат на отстранување на пречките, доколку ги има. Се чини дека комесарот Вархеји е сигурен во шансите за успех: затоа треба сите да го поддржат. Важно е да се постигне почетна динамика со компетентни македонски тимови, поддржани од функционална влада, мотивирана и силна во својот легитимитет што ќе го добие на нови избори.
Во процесот на усогласување на преговарачката рамка земјите членки мора да ги испеглаат своите ставови. Каков би бил ставот на Париз доколку во неа се инсистира да бидат вметнати историски и идентитетски барања од страна на Софија?
– Во врска со рамката за преговорите, веруваме дека Комисијата ќе ги усогласи ставовите и ќе најде заеднички јазик, во согласност со европскиот интерес. Се надеваме дека на крајот ќе надвладее јачината на европскиот дух, со оглед на важноста на прашањата и заедничкиот интерес за успешно започнување на преговорите, врз основа на новата методологија која ја промовиравме со други земји-членки. Добрата волја што беше искажана при потпишувањето на Договорот во 2017 година, го прави овој текст цврста основа за напредок кон надминување на разликите што може да се појават меѓу двете страни.
На инсистирање на Франција беше усвоена новата методологија за преговори. Дали со тоа се исцрпени можните забелешки на Париз за текот на преговарачкиот процес?
– Новата методологија инсистира на реално унапредување на владеењето на правото, со механизми за проверка и има реверзибилен карактер. Таа ги исполнува повеќето наши барања, коишто се во интерес на сите граѓани, но и на самата Унија. Исто така, Унијата треба да обезбеди средства за економски и социјален развој на регионот, но и за реализација на сопствените реформи, за да се овозможат добри услови за прием на нови земји-членки.
Франција како еден од клучните аспекти на реформите го истакнува владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупција. Како го оценувате напредокот на земјата на ова поле во очекување на новиот извештај на ЕК во контекст на востановената работа на ДКСК и спроти пресудата за случајот „Рекет“ кој е во завршница?
– Треба да се поздрави напредокот постигнат во неколку области, од 2017 година наваму, со усвојувањето на одредени реформи и донесувањето закони што очекувавме да се случат, особено во областа на правосудството. Ќе биде потребно да се провери нивната конкретна примена во поглед на независноста на судството во однос на извршната власт, како и во поглед на ефективната борба против корупцијата. Јавноста сега има капацитет да собере доволно информации за да ги согледа резултатите што се очекуваат од истрагата за случајот што го наведувате. А тоа веќе претставува голем чекор напред. Заложбите на Државната комисија за спречување на корупцијата се познати. Веројатно таа има потреба да располага со поголеми средства за ефикасна и непристрасна контрола на бројните случаи доставени до неа, како и за последователни активности за следење на истите откако ќе бидат предадени на правосудните органи. Може да се забележи обновената динамика на Уставниот суд, што дава надеж за вистински исчекор напред кон владеењето на правото и приближување кон европските системи. Исто така, треба да се следи и зацврстувањето на улогата на Народниот правобранител.
Македонија е пред одржување на десеттите парламентарни избори. Французите на 15 март излегоа на гласање на првиот круг од локалните избори, резултатите се валидни, следува вториот круг, како веројатен датум се споменува 21 јуни. Дали Франција се подготвува за гласање и како тоа би се организирало во услови на пандемија?
– Сè уште не е донесена одлука за одржување на вториот круг на 21 јуни, во 5.000 општини кои треба да пристапат кон спроведување на второто гласање (вклучително и градот Париз). Во тек се активни разговори помеѓу Владата и политичките чинители со цел да се дојде до разумен консензус, каде што здравствените прашања ќе имаат приоритет, дури и во контекст кога пандемијата се повлекува во голем број од нашите региони. Секако, би сакале да се исполнат условите за да имаме зголемена излезност што ќе им даде целосна вредност на изборните резултати.
Според податоците на СЗО, заклучно со 13 мај Франција е меѓу десетте земји со најголем број нови случаи, рестрикциите во земјата се олабавени на 11 мај. Каква е состојбата со коронавирусот во Вашата земја и како се справувате со пандемијата?
– Франција влезе во период на етапно олабавување на мерките, прогресивно, но и реверзибилно, врз основа на разликите што постојат помеѓу некои области кои се повеќе или помалку погодени, како и според нивните болнички капацитети. Економската активност постепено се обновува, при што се дава можност за движење доколку тоа е неопходно, со јавниот превоз во Париз и неговиот регион, како и за ограничено отворање на училиштата и продавниците, со примена на превентивни здравствени мерки. Движењето со приватни возила во моментов е ограничено на радиус од 100 километри околу местото на живеење. Јавниот превоз подлежи на строги хигиенски услови. Одредени плажи ќе бидат повторно отворени за посетители, како и одредени музеи и културни установи. Одново се стимулираат внатрешните туристички резервации. Има надеж дека строгите рестриктивни мерки што му беа наметнати на населението, даваат резултати, но подготвени сме да се соочиме и со втор бран доколку биде потребно.
До каде е работата со ставање во функција на Француската агенција за развој во Македонија?
– Се наоѓаме во последната фаза од усогласувањето на договорот: продолживме да работиме во овие тешки денови со нашите одлични партнери од македонските министерства за надворешни работи и финансии. Би сакале што поскоро да се потпише тој договор, за да се изработат проекти, пред сè од областа на здравството и животната средина. Сите знаеме дека климатските промени влијаат врз здравјето на луѓето и создаваат плодна почва за појава на штетни влијанија како тие што ги создаде коронавирусот и болеста Ковид-19. Посакуваме што поскоро да оствариме контакт со соговорници расположени по изборите да се вклучат во конкретни проекти.
Виолета Геров
Фото: Дарко Попов