Зошто некои луѓе уште го сакаат Тито? Зошто за него зборуваат во сегашно време? Можеби затоа што велат дека ако масата прифати некого за свој водач, тогаш тој со неа може да прави што сака. А Тито правел што сака.
Според спомените на Гавро Дотлиќ, кој повеќе од 25 години бил во непосредна близина на водачот, Тито живеел како крал иако во јавноста се градела слика дека е скромен партизански командант што ја дели судбината на својот народ. Бившиот кралски џандар Дотлиќ со Тито се сретнал во 1941 година а потоа до крајот на Втората светска војна бил во баталјонот за обезбедување на Врховниот штаб. Веднаш по завршувањето на војната продолжил да работи во близина на Тито. Ова се дел од неговите сеќавања:
Според Гавро Дотлиќ, одговорен за целокупниот имот на доживотниот претседател на Југославија и домаќин на неговата резиденција на Дедиње, семејството Броз надвор од Белград најмногу и најчесто престојувало на Бриони, а се што било потребно за нив, но и за привилегираните функционери што престојувале во нивна близина, се носело со специјални авиони од Белград. Со тој авион се пренесувало, на пример, дури и цвеќе по желба на Јованка, иако на Бриони постоела голема површина засадена со специјално цвеќе за уживање. Исто така од Белград со авион, или со „Синиот воз“, директно на Бриони или на Ванга се носеле и огромни залихи прехранбени продукти но и готвачи, келнери и слично. Понекогаш Тито и Јованка подолго време поминувале на море, односно на Ванга или Бриони, а за цело време на нивниот престој на островите, „Синиот воз“ постојано морал да стои во Пула, зашто, нели, никогаш не се знаело дали претседателот ќе сака или треба некаде ненадејно да отпатува. А не чекал само возот. Во гаражата во Фажине изгланцани чекале и барем дваесеттина Титови автомобили. Најмногу „мерцедеси“, се разбира.
За децата на фукционерите тајно се купуваа играчки од странство!
Освен Брозови, право на користење на годишните одмори на Бриони имале и повеќе од 300 функционери со своите семејства. Ваквиот список се доставувал во Дирекцијата за репрезентации во март или април, а потоа, врз основа на функцијата и желбите на комунистичките фукционери, внимателно се составувал списокот со распоред за летување, се разбира во најголем број случаи сосема бесплатно, а само понекогаш, со одлука на „највисоко“ ниво, било препорачувано да се плати некаква симболична цена која не покривала ни третина од дневните трошоци за летување. Се разбира, разликата ја плаќал работниот народ и другарите самоуправувачи.
„Кога толкав број најодговорни луѓе во државата ќе се навикнат на секојдневни привилегии, тие секако по извесно време стануваат безобзирни. Затоа строго се водеше сметка се да биде во најдобар ред. Значи, мораа да им готват најдобрите, врвни готвачи, да ги служат најдобрите келнери, собите да им ги средуваат најдобрите собарки, да им бидат на располагање најдобрите фризери и слично. Плажите беа беспрекорно чисти, а децата на фунционерите мораа да имаат разни можности за забава и игра, како велосипеди, тротинети, ролшуи, душеци, појаси за пливање. Всушност за децата на фукционерите се набавуваа и скапи играчки од странство! Сопругите на фунционерите, пак, главно беа многу дрски, бараа од пиле млеко, што се вели, иако пред војната веројатно немале ни леб да јадат. Сепак, според стриктно барање на Јованка, никој од функционерите, нивните сопрузи и децата не смееше да оди во делот каде што беше таа со Тито. Се разбира на Бриони, иако, нели, комунизмот беше бескласно општество, постоеше јасно изразена класна поделба што се гледаше низ непишани правила на кои мораа да се придржуваат сите. Оние што беа вработени во објектите не смееја ниту да помислат да одат на плажата каде што уживаа функционерите. Имаше деца кои во Белград одеа во исти училишта, но на Бриони секое од нив го поминуваше одморот во рамките на класата или хиерархијата на која и припаѓаше. Таа поделба се гледаше и кога требаше да се враќаат дома. На високите функционери и на нивните семејства на располагање им стоеја специјални авиони, луксузни вагони на вонредни возови или службени автомобили, а сите останати трчаа да резервираат какво и да е место во некој од возовите или авионите за себе и за своето семејство. Се прашував, зошто, ако сметаа дека имаат право на такви привилегии, зошто тоа го криеја од својот народ? Дрскоста одеше дотаму што некои фукционери освен своето семејство на одмор во фунционерските апартмани ги носеа и своите роднини. Додека народот се мачеше да преживее, функционерите уживаа во раскошот што им го плаќаше истиот тој народ. А само на одржување на Бриони постојано работеа 150 луѓе, обична работничка класа која немаше право ниту да ѕирне зад високиот ѕид на комунистичките властодршци“, пишува Гавро Дотлиќ, домаќиниот на резиденцијата. .
Како се переа народните пари?
Дотлиќ можел да забележи и како кругот околу Тито, го покривал арамилакот со разни сметки и потврди за некакви наводни трошоци на резиденцијата. Се користеле разни поводи за да се направи, што би се рекло со денешен, современ криминалистички речник, „перење на пари“. Според документите на Дотлиќ, посетите на странските државници, особено од афричките земји, биле како нарачани за вакви малверзации. За висината на трошоците за ваквите посети никој не водел сметка, а тоа давало можност за големи злоупотреби и расипништво. Во врска со ваквите посети, сите резиденции, особено Бриони, биле жариште на премолчан, одобрен и „легален“ стопански криминал. А ретко кој странски државник кој доаѓал во посета на Југославија не го посетувал Бриони.
„Веднаш по завршувањето на престојот на странската делегација на Бриони се подготвуваше сметката за наплата на сите трошоци и таа се доставуваше во Дирекцијата за репрезентации во Белград. Јас веднаш забележав дека сметките кои се однесуваа на количината на издадена и потрошена стока за неколкупати беше поголема од својата вистинска вредност. Гледајќи го тоа побарав да ми направат преглед на издадената храна, пијалоци и друга стока за сите делегации што престојуваа на Бриони во 1966-та година, а стануваше збор за делегации од Финска, Индија, Иран, Норвешка, Германија и Алжир. Целата стока беше издадена за вилата „Брионка“ каде што отседнаа спомнатите делегации, значи сето тоа наводно беше потрошено за нивни потреби. Во документите стоеше дека индиската делегација од шест членови, на пример, за неполни два дена престој, потрошила 1.719 килограми храна, плус 580 јајца, а потрошиле и 657 шишиња алкохол и 945 шишиња безакохолни пијалоци, 270 кутии цигари, 12,5 килограми кафе, 42 килограми шеќер итн. Иранската делегација била уште полакома и пожедна. Потрошила 1.616 тони храна, плус 616 јајца, 716 шишиња алкохол, 873 шишиња сокови, испушила 413 кутии цигари, испила 10,5 килограми кафе, изела 57 килограми шеќер и друго. Норвешката делегација, која на Бриони престојувала само 21 час, потрошила тон и пол храна, пола тон алкохол, исто толку безалкохолни пијалоци, 299 кутии цигари, 13,5 килограми кафе, 40 килограми шеќер итн. Сето ова покажуваше дека странските делегации служат само како параван, односно се само покритие за масовен и добро организиран грабеж. Притоа треба да се знае дека сите делегации имаа само по околу десеттина луѓе, а азиските и афричките делегации, почитувајќи ги верските обичаи, воопшто не трошат алкохол. Се поставува прашањето кој ги испил оние 244 шишиња виски, коњак и вино само за време на појадокот на иранската делегација во „Синиот воз“? Кога тие заедно со домаќините би ги испиле сите тие шишиња акокохол сигурен сум дека во Сараево, каде што попатно се симнале, никој жив не би излегол од возот. Кога ги анализирав сите документи наназад, сфатив дека тоа траело со години. Особено дрско и бескрупулозно беше она што се случило во врска со посетата на претседателот на Камбоџа, Нородом Сиханук летото 1961 година. Според документите, иако неговата најавена посета на Бриони во последен момент беше откажана, тоа не и пречело на структурата околу Тито, организарана во строга конспиративност околу генералот Милан Жежел, во кого Тито имаше безгранична доверба, да достави сметка за пружени усуги на Бриони за Сиханук и неговата делегација!? Само хотелските услуги за „невидливиот“ Сиханук изнесуваа 142.540 динари, а колку за споредба мојата плата беше 2.702 динари. Само телеграмите и писмата што „невидениот“ на Бриони Сиханук наводно ги праќал од островот „однеле“ огромни 259.410 динари. Кога со овој криминал ги запознав надлежните – никој не мрдна ни со прст, барем да се обрне внимание тоа во иднина да не се случува. Иако лично отидов на Бриони и ги открив сите малверзации, за жал, наместо постапка, барем преку партиските организации, веднаш се покрена акција за прикривање, како всушност и во сите други случаи. Во писмениот извештај од 47 страници посветен за кражбата, арамилакот и расипништвото, кој му го доставив и на Тито, и за кој имав и долго, усмено образложување пред него, детално го опишав случајот со делегацијата на Камбоџа, наведувајќи ги имињата на сите што се замешани во таа работа. Се разбира, повторно не беше преземено ништо, иако Тито вети дека лично ќе им застана на патот на ваквите појави. Грабежот продолжи со несмален интензитет, па, подоцна, кога претседателот на Судан, кој донесе одреден број животни за зоолошката градина на Тито, си замина од Бриони, стигна сметка дека за оние девет дена колку што тој бил на островот само за доручек трошел по едно шише најскап коњак дневно, иако од келнерот што го служел дознав дека претседателот на Судан не пиел алкохол, односно никогаш во животот не испил ниту капка алкохол. Подоцна сфатив дека управникот на Бриони ваквите сметки ги правел директно под заштита на својот пријател и патрон, генералот Милан Жежељ, кој во тоа време беше командант на Гардата и аѓутант на Тито.“