Претседателот на НСДП, и коалиционен партнер на актуелната власт во Македонија, Тито Петковски, во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24 и порача на Владата во понатамошниот тек од преговорите да побара промена на Ангел Димитров, копретседавачот на мешовитата комисија за историски прашања.

– Ангел Димитров не смее да биде копретседавач и Владата да побара тој да биде разрешен од Бугарија, рече Петковски, повикувајќи се на работата во минатото и ставовите на претседателот на бугарската страна од комисијата.

Тој додаде и дека Македонците го величаат рускиот претседател Владимир Путин на социјалните мрежи затоа што бараат лидер кој ќе ги заштити со цврста рака во управувањето и кој ќе се спротивстави на неправдите на Западот.

– Само од овој аспект се поддржува Путин. Нашиот човек бара водач, лидер што ќе ги заштити и ќе им отвора перспективи и затоа бараат авторитарна личност. Затоа најмногу во моментов успева (Александар) Вучиќ на Балканот, а тој е авторитарна личност. Вие да држите 30 години една мала земја како Македонија со затворени врати и да не убедувате без да ни го дадат тоа право, вие не можете да ја сакате ЕУ и тогаш се вртите кон личност која се спротивставува на таков свет, вели Петковски.

Тој додава дека самиот Запад дава лоши примери со санкциите кон Русија и дека економската војна скапо ќе ја платат граѓаните.

– Со ниту еден аргумент не може да се оправда однесувањето на Западот и бркањето на уметници на првенката на Метрополитен, на оперските куќи да не ги прикажуваат делата на Чајковски, исклучување на спортски клубови, Челзи во Англија, тешко може да се процени во која насока ќе оди тоа, коментира искусниот политичар.

Според него, Македонија треба да води своја независна политика, а не слепо да ги следи туѓите интереси.

– САД не набавува повеќе нафта од Русија, но сега отвори договори за набавки на нафта од своите непријатели – Венецуела и Иран. Затоа велам дека Македонија треба да си води сопствена прагматична политика. Македонија после ова „не“ на ЕУ преку Борел, треба да се посвети на долгорочните интереси. Европа сега долго време ќе се бори со своите внатрешни проблеми, потенцира Петковски.