Премиерот Димитар Ковачевски по настанот на кој беше означен крајот на подготготовките на проектот за отстранување на линданот во кругот на фабриката ОХИС, зеде дел од опремата на новинарите и медиумските работници и заедно со нив пешачеше до влезот на фабриката каде што беа паркирани нивните возила.

Ковачевски се стави во улога на „помошен медиумски работник“ откако новинарските екипи реагираа дека, за разлика од возилата на членовите на владата, тие мораа да ги остават возилата на влезот и да пешачат до местото на настанот носејќи ја својата опрема.

– Ако тоа ви предизвикало непријатност сакам да ви се извинам во име на организаторите, ќе проверам дали е тоа заради безбедноста на објектот, бидејќи ние моравме да носиме специјална опрема. Доколку бил направен превид и доколку не се косело со безбедносните стандарди тогаш ќе се потрудам тоа да не се случи во иднина, рече Ковачевски.

Инаку, вакви популистички потези се и досега видени од странски лидери, токму во врска со понесувањето на „тежината“ во работата на новинарите. Не е првпат ваков случај политичар да помага на новинарите. Но, ете и Ковачевски со испробаниот метод ќе спечали некој поен кај јавноста.