„ТОА ТЕ ДОВЕДУВА ДО ЛУДИЛО“: Семејствата на израелските заложници почнаа петдневен марш до Ерусалим

/ 14.11.2023

Семејствата на Израелците кои Хамас ги држеше како заложници во Појасот Газа, заедно со луѓето кои ги поддржуваат, денеска тргнаа од Тел Авив на протестен марш кон Ерусалим, со повици за ослободување на заложниците.

Демонстрантите во наредните денови ќе пешачат до Ерусалим, каде од премиерот Бенјамин Нетанјаху ќе побараат слобода за своите најблиски, пренесува Скај Њуз.

Протестниот марш доаѓа во време кога Израел и Хамас, според некои медиуми, се подготвуваат да постигнат договор што ќе овозможи ослободување на десетици жени и деца од Појасот Газа.

Заробениците се на возраст од деветмесечни бебиња до 85-годишни и се верува дека се држени во тунели длабоко под Појасот Газа.

Британската агенција забележува дека премиерот Бенјамин Нетанјаху е под жестоки критики од некои негови роднини дека не направил доволно за да ги ослободи своите сонародници, додека израелската армија навлегува длабоко во територијата на Газа.

„Барам од Бенјамин Нетанјаху и од кабинетот да ни дадат одговори и да преземат акција“, рече Шели Шем Тов (21), чиј син Омер бил одвлечен во Газа пред пет недели, во жесток говор на почетокот на маршот.

Матан Ешет маршира кон Ерусалим за својот братучед. Тој се надева на враќање на 240-те заложници и сака: „да направиме врева колку што можеме“. „Триесет и девет дена без никаква врска со нашите најблиски“, вели тој.

„Тоа ве доведува до лудило. Мислам дека не сум спиел повеќе од два часа од 7 октомври“.

Вооруженото крило на палестинската милитантна група Хамас денеска соопшти дека е подготвено да ослободи до 70 жени и деца заложници во замена за петдневно примирје и ослободување на 275 палестински жени и деца кои се наоѓаат во израелските затвори.

Нетанјаху досега отфрли какви било разговори за прекин на огнот, велејќи за NBC News во неделата дека би бил подготвен да ги прекине борбите само доколку сите заложници бидат ослободени.


Од истата категорија