Бугарите немаат добро сеќавање за комунизмот и времето на Вапцаров за нив ќе биде провокација, изјави поранешниот министер Никола Тодоров, кој вечерва беше гостин во Само вистина на ТВ Канал 5.

– Веројатно премиерот Димитар Ковачевски требаше да се појави на отворањето на македонскиот клуб во Бугарија, имајќи предвид дека кај нас кога се отвори првиот клуб Ванчо Михајлов дојде тогашниот бугарски премиер Кирил Петков, рече Тодоров.

Тој смета дека отворањето на македонскиот клуб Никола Вапцаров во Благоевград претставува провокација за Бугарите.

-Според мене овие клубови нема ништо да решат. И тој таму што ќе биде отворен ќе го гледаат како проблем како и ние нивните овде во Охрид и Битола. Бугарите немаат добро сеќавање за комунизмот и времето на Вапцаров, за нив ќе биде провокација, смета Тодоров.

Тој додаде дека повеќе би бил среќен доколку се изгради автопат до Бугарија отколку отворањето на клубови.

Инаку Тодоров беше нарекуван „министер за смрт“ во времето кога беше министер за здравство, но подоцна, како и повеќемина други, ја смени страната и тој стана прифатлив за актуелната власт, а и таа за него.