Сега веќе не треба да веруваме, сега веќе знаеме зошто беше храброста, решителноста и визијата, објави вечерва бившиот премиер Зоран Заев, импресиониран од тоа што сме потпишале договор на мајчин македонски јазик со Фронтекс.

– Нашиот македонски сон стана реалност! Потпишавме договор со Европската Унија на македонски јазик. С. Македонија потпиша договор со ЕУ, на кој што стојат потписите на сите земји членки на Европската Унија, вклучително и потписите на нашите соседи Грција и Бугарија. Ееееј… Грција и Бугарија потпишаа договор со нас на македонски јазик! Сега веќе не треба да веруваме, сега веќе знаеме зошто беше храброста, решителноста, визијата… Успеавме! Македонци со македонски јазик, признаени од целиот свет! Радувај се мој македонски народе! Испишавме историја! – пишува Заев во неговата објава на неговите профили на Фејсбук.

Забележливо е дека сите реченици му се извични или барем со извичник. Тој е само уште еден од многуте владини актуелни и бивши функционери кои се радуваат на македонскиот јазик, како досега да ни бил забрануван да го зборуваме, па конечно успеале да ни го овозможат.

Но, кога сме кај македонскиот јазик, да се потсетиме дека има Македонци во ЕУ на кои не им е дозволено да го изучуваат. Па, по сите овие извични реченици на Заев, како и на актуелниот премиер Димитар Ковачевски, министерот Оливер Спасовски и сите други функционери од власта, што употребуваат „извичници“, македонскиот народ ќе им беше благодарен ако се избореа во ЕУ македонски јазик да можат да учат и децата на Македонците во Бугарија и Грција, односно во Пиринска и Егејска Македонија.

Вака извичниците се пренасилени, односно „скокоткај ме да се смеам“. А нивната „голема победа“ е божем сме добиле право да дишеме кислород, а како досега да дишевме азот!?

(Д.Г.)