Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан за МИА изјави дека жали поради недостатокот на национално единство околу референдумот за Договорот со Грција и им порачува на граѓаните да го искористат своето право на глас за да ја обликуваат сопствената иднина и иднината на државата.
За Хан, како што јави дописничката на МИА од Брисел, референдумот е избор меѓу иднина свртена кон ЕУ и изолација.
– Ова е избор меѓу пат свртен кон иднината на ЕУ интеграцијата со конкретни бенефити за граѓаните како владеењето на правото, атрактивност за странските инвеститори и повеќе и подобри работни места и пат свртен кон изолација, стагнација и пропуштање на единствена шанса за подобрување и напредок во клучни области, вели Хан.
Еврокомесарот овој избор исто така го спореди со избор меѓу националистички концепти и интеграција во ЕУ и НАТО.
– Изборот е помеѓу држење до стари националистчки концепти или прифаќање на иднината на земјата, со реформи и со интеграција во ЕУ и НАТО како краен чекор. Ова не е наметнато од ЕУ или од меѓународната заедница. Евроатлантската интеграција беше воспоставена како стратешка цел на земјата одамна. На граѓаните е да одлучат дали оваа перспектива со сите нејзини конкретни бенефити ќе се материјализира или не, вели Хан.
Тој се надева дека граѓаните кои се уште не одлучиле како ќе гласаат, ќе се информираат за последиците од нивниот глас.
– Мислам дека граѓаните треба да бидат свесни дека со овој референдум им се нуди шанса да се слушнат нивните гласови и ставови и да гласаат за да ја обликуваат својата иднина и иднината на земјата. Правото на глас е важен демократски напредок кој треба да биде поддржан преку активно учество. За навистина да се искористи тоа право граѓаните треба внимателно да ги анализираат мотивите позади кампањите и последиците од глас „за“ или глас „против“ за да бидат способни да направат информирана одлука, дополни еврокомесарот.
Прашан што мисли за движењето кое повикува на бојкот на референдум, одговара дека жали поради опструкциите.
– Одржувањето референдум значи дека им се дава моќта на граѓаните да донесат одлука за Договорот со далекусежни последици за нивната земја и за сопствената иднина. Многу жалам што во мигови кога е потребно национално единство за да се прифати избонредниот напредок направен, се уште има актери кои повеќе сакаат опструкција отколку конструктивна работа во интерес на иднината на земјата, напоменува Хан.
Тој уште еднаш го поздрави „лидерството“ на двете страни во спорот и повтори дека станува збор за историски Договор кој ги отвора вратите кон ЕУ и НАТО.
Од граѓаните сега ќе зависи дали оваа перспектива ќе стане реалност, вели еврокомесарот за проширување.
– Договорот на Поранешната југословенска Република Македонија со Грција за името беше со право наречен „историски пробив“ од страна на ЕУ и целата меѓународна заедница. Тој го отвора патот кон решавање спор што трае речиси три декади и кој не само што ги засени билатералните односи на двете земји, туку и поставуваше огромна пречка за пристапот кон ЕУ и НАТО за ПЈРМ, рече Хан.
Според него, одлучноста и лидерството на владите во двете земји да се справат со овој проблем заслужува целосна почит.
– И тоа беше возможно зашто лидерите се фокусираа на иднината наместо на минатото, што е во интерес на граѓаните на земјата и посебно идните генерации. Со претстојниот референдум во рацете на граѓаните е оваа позитивна идна перспектива да стане реалност. Затоа го повторувам мојот повик до граѓаните да се информираат и да го искористат своето демократско право на глас. Ова е важен избор кој ќе ја одреди иднината на земјата бидејќи договорот за името ги отвора вратите за евроатлантската интеграција, истакнува Хан.
Воедно оценува дека оваа перспектива е многу конкретна бидејќи Советот и даде мандат на Европската Комисија да ги почне подготовките за почеток на пристапните преговори.
– И тие подготовки веднаш ги почнавме. Лично бев во Скопје во јули да го отворам процесот на скрининг“.