Почнува светиот месец за муслиманите ширум светот, а и нова ера за Јапонија.

Почнува Рамазан

Муслиманскиот свет месец Рамазан почнува претстојниот викенд. Тоа е најзначаен месец во годината за 1,6 милијарди муслимани. Верниците ќе постат од утро до мрак, со цел да му се приближат на Бог. Пиењето, пушењето, сексуалните односи и „грешното однесување“, исто така, се забранети за време на постот.

Исламскиот календар е лунарен и затоа почетокот на Рамазан секоја година се поместува за 11 денови. Тоа значи дека почетокот на Рамазан на Блискиот Исток се одалечува од најдолгиот ден во годината, а бројот на часовите за пост се намалува.

Има ли нешто да додаде Вилијам Бар?

Американскиот државен обвинител Вилијам Бар оваа недела ќе одговара на прашања пред две комисии во Конгресот, прво в среда, а потоа в четврток.

За потсетување, специјалниот советник Роберт Малер ја заврши истрагата за Доналд Трамп и неговиот тим.

Бар ги објави заклучоците за извештајот на Малер и ги повтори на прес-конференција, а канцеларијата на Бар потоа објави делови од извештајот.

По објавувањето на деловите од извештајот, претставници на демократите го обвинија Бар за залажување на јавноста и пристрасно донесување заклучоци.

Демократите во Конгресот соопштија дека е „јасно“ оти извештајот го поткопува мислењето на Бар за случувањата.

Јапонија добива нов цар

Јапонскиот цар Акихито утре ќе стане првиот монарх кој се повлекол од престолот во претходните два века. Неговиот син, престолонаследникот Нарухито ќе го замени в среда.

Тоа е почеток на нова ера во Јапонија. Оваа ера ќе се вика Реива, што значи „ред и хармонија“. Зборот „Реива“ ќе се појави на парите, весниците, возачките дозволи и официјалните документи.

Земјата ќе празнува десет дена. Банките нема да работат, па Владата соопшти дека „оние кои планираат да подигнат поголема сума пари тоа да го направат однапред“.