Повеќе од 740 пожарникари денеска се борат со шумски пожари во јужниот дел на Португалија, каде температурите достигнаа рекордно ниво, како и во остатокот од Пиринејскиот Полуостров и во делови на Европа.
Во обид да спречи нови жртви, по смртта на 114 луѓе во двата големи шумски пожари минатата година, припадниците на португалската цивилна заштита испратија СМС пораки со предупредување до населението на одреден регион дека се во голема опасност од пожар.
Во крајбрежниот туристички регион на земјата, Каскаис, во близина на Лисабон, синоќа дојде до прекин на снабдувањето со електрична енергија поради натпросечна употреба на клима-уредите. Без струја останаа десетици илјади домаќинства неколку часа.
Топлиот ветар од Северна Африка го донесе на Пиринејскиот Полуостров најсилниот топлотен бран од 2003 година, што предизвика голем број шумски пожари.
Температурите денеска и утре во Шпанија и Португалија ќе изнесуваат најмалку 40 Целзиусови степени, а метеоролозите за денеска најавија рекордни 47 степени во централниот дел на Португалија.
И во северниот дел на континентот е многу жешко. Метеоролошката служба на Норвешка соопшти дека повеќе од 50 години немале можност да видат вакви временски прилики.