Иванчо ТОШЕВСКИ

Како беше она? „Че си лежите…!?“ Гејм, сет и меч топка во раката, ама на крај пукна рекетот на “клучниот” 13 – ти гејм.

Јас доаѓам на власт за да не лежам во затвор, прифаќам се што треба и не треба, плус организирам Гренд слем тениски турнир “Катица опен” со државни пари од четири милиони евра годишно. Доста е од маалски игри за освојување на тениски турнири по струмичко, време е да се освои Гренд слемот кој сам го создавам – ова е клучната мисла на војводата од Астарион (римското име на Струмица).

Покрај четирите Гренд слем светски тениски турнири Македонија го добива петтиот благодарение на претходната идеја која се родила во умот на “големиот” политички иноватор, кој по телефон успеа да го реши дури и вековниот спор со нашиот јужен сосед. Па, така охрабрен од телефон дипломатијата видовме како може да си поигрува и да ги исмејува сите други лидери кои никогаш не биле во позиција да бидат “оговарани” за номинација за Нобелова награда. Она по што се истакнува македонскиот Гренд слем “Катица опен” е фондот на награди и нормално е да се очекува за таков богат фонд да се пријават најдобрите македонски рекети.

Втората специфика на “Катица опен” е што тенискиот турнир се игра исклучиво по телефон под мотото “не се секирај за ништо, се ќе биде ОК” каде целта не е да се победи туку да се уценуваат сличните на нив играчи. А, впрочем од смислената уцена и молитвата за прошка зависи и висината на наградите. После завршениот натпревар со пеење на молитва за прошка наградата се подигнува од домот на “играчот”. Ексклузивното право за пренос во живо на “Катица опен” го добива тв медиум кој екипира момци со богато искуство во делот на ракувањето со рекет, ама овој пат екстра мотивирани, затоа што да покриеш еден Гренд слем и не е така лесно.

И, на крајот никако клучниот детал не смееше да биде изоставен – круната на кралот, Вимблдон и тенис без благородништво не го бива, ама таквата круна не може да го прелие со благородништво муртинското родословно стебло кое не успеа да фати корен на скопскиот асфалт.

Следи 13 – тиот гејм каде организаторите ќе бидат поразени на нивни терен, со правила и судии кои тие ги измислија. Па нареден Гренд слем ќе имаат прилика да организираат во близина на Скопје со уште поискусни играчи со назив Идризово опен.
Нека им е со среќа!