За хаосот со личните документи ќе се бара одговорност – министерот Тошковски отпочна дисиплинска постапка за еден помошник министер во МВР, поради пропусти во нарачките на обрасци и динамиката на испорака на личните документи.

Иако внатрешната контрола при МВР утврдила дека двајца помошници потфрлиле во менаџирањето со личните документи уште од 2019 година, за едниот веќе е истечен рокот да се поднесе дисциплинска. Имињата Тошковски не ги обелодени, но извештаите на внатрешната контрола, ги поднел и до Обвинителството.

Од Обвинителството велат дека ,,извештајот е примен во ОЈО Скопје и е приклучен кон предметот по кој веќе постапува ова обвинителство во врска со издавањето на личните документи”.

И додека се бара кој е виновен, граѓаните продолжуваат со макотрпниот процес да извадат лични документи. Некои се принудени да вадат по итна постапка, други ќе си почекаат.

Според анализата на Призма, од септември 2023 до 15 март годинава граѓаните дале вкупно околу 13 милиони евра за пасоши по итна постапка. Најмногу интерес имало во февруари, кога и истече рокот на старите документи. Во моментов според информациите на МВР барањата за пасоши по итна постапка се намелени, но очекувањата се дека бројките ќе се зголемат, со почетокот на летните одмори и доаѓањето на дијаспората, кои одморот ќе го искористат за промена на личните документи во Македонија.