Според првичните информации причина за вчерашната сообраќајна несреќа во која загинаа три лица, а осум се повредени е неприлагодената брзина на патот, изјави утринава министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој е во посета на СВР Охрид.

– Во синоќешната сообраќајка, за жал, животот го загубија три лица. Согласно првичните информации што ги добив станува збор за огромна неприлагодена брзина на еден од учесниците кој, за жал, е починат, изјави Тошковски.

Бројот на сообраќајни жртви во првото тримесечје од годинава, според министерот, е отприлика сличен како минатата година, но како што оценува, бројките се катастрофални компарирано со европските стандарди.

– Во иднина максимално мора да се фокусираме кон поголемо смирување на сообраќајот од секој аспект, како и на имплементирање на проектот „Безбеден град“ на цела територија на државата, рече Тошковски.

Минатата недела, како што соопшти, на ЕНЕР се ставени дел од потребните закони за имплменетација на проектот „Безбеден град“.

Сообраќајната несреќа се случи вчера меѓу Кичево и селото Трапчин дол, а според првичните информации што ги даде портпаролот на СВР Охрид за МИА, во несреќата учествувале три возила.

Вчера на Велики петок, во 20.40 часот во ОВР Кичево e пријавено дека, на магистралниот пат Кичево-Гостивар, кај место викано „Сеферов бунар“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од З.Д.(64) од Битола, патничко возило „форд“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од А.Р.(63) од село Горно Страгомиште, кичевско и патничко возило „опел“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од Х.Е.(38) од Гостивар.

„На местото на настанот починале возачите З.Д. и Х.Е., а сопатничката од патничкото возило „опел“ Б.Е.(38) од Гостивар, била пренесена во Медицинскиот центар Кичево, каде починала.

Од страна на лекар констатирана била смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се предадени за обдукција.

Во несреќата со телесни повреди се здобиле возачот А.Р. и неговата сопатничка А.А.(67) од село Колари, кичевско, сопатникот од возилото „мерцедес“ Д.С.(37) од Кичево и сопатниците од патничкото возило „опел“- тројца малолетници од Гостивар и Р.Е.(60) од селото Шутово, кичевско, констатирани во медицински установи во Кичево и Скопје“, велат од МВР.

На местото на несреќата увид извршија јавен обвинител, судски сообраќаен вештак и полициски екипи.