Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на панел дискусија „Зајакнување на соработката помеѓу институциите за проценка на изборните ризици“ во организација на Институт за економски стратегии и меѓународни односи „ОХРИД“.

Во рамките на дискусијата министерот Тошковски истакна дека министерството за внатрешни работи е важна алка во делот на институциите надлежни за спроведување на фер и демократски изборен процес.

„Како министер и покрај тоа што се соочувам со сериозни опструкции од страна на Владата која незаконски поништи акти донесени од моја страна и не дозволи да назаначам началник на СВР Тетово, ќе сторам сè МВР да биде на висина на задачата и да гарантира организирање на безбедни избори на кои граѓаните ќе можат слободно да го остварат своето право на глас.“, потенцираше министерот Тошковски.

Тошковски исто така ја потенцираше добрата соработка која ја има министерството со другите институции кои учествуваат во организација на изборите, особено државната изборна комисија во делот на списоците но и во спроведувањето на правилникот на ДИК за постапување на полицијата за време на избори.