Министерот за внатрешни работ Панче Тошковски денеска во отчет за првата година од мандатот посочи дека се работело на стабилизација на институцијата и системот и оценувајќи дека сега имаме Министерство коешто реагира и полиција што е видлива на терен. Посочи дека има уште многу работа.
– Криминалот и корупцијата се предизвици со кои постојано се соочуваме. Се уште има мрежи, интереси, структури, коишто сакаат да го задржат нивното статус кво. Но, повеќе не им оди така како што им одеше порано затоа што сега МВР им служи на граѓаните и имаме раководство кое не молчи и делува решително, наведе Тошковски.
Со преземањето на министерството како што рече, затекнале нефукционален систем, институција без јасна организација, без услови за работа со изгубена доверба кај граѓаните. Нагласи дека таква слика на тага и немоќ не смее никогаш повеќе да се види.
Бандите дивееја, а државните институции молчеа. Пасоши се чекаа со месеци, границите беа хаос, сообраќајот без контрола. Вработените во МВР беа без опрема, без поддршка, без достоинство. Едноставно, така не може да функционира една држава. И така не смее никогаш повеќе да биде! Нашата земја заслужува многу повеќе од тоа, потенцираше министерот Тошковски.
Тој наброја дека во изминатата година разбиле 14 организирани криминални групи, со над 200 сторители, а меѓу нив и група која беше вмешана во девет убиства, изнуди, палења и напади врз полицијата. Ова, потенцираше, е доказ дека државата си ја враќа силата и нема да толерира никакво насилство.
Во борбата против корупцијата поднеле кривични пријави против 107 физички и 18 правни лица за корупција во здравството, енергетика, даночниот систем па дури и безбедносниот систем. Овие коруптивни шеми резултирале со штета на државата од над 17 милијарди денари.
– МВР има преземено процесни дејствија со кои се надевам дека во иднина ќе се овозможат услови овие пари да бидат вратени на граѓаните, рече Тошковски.
Тој најави дека таа борба допрва ќе расте и како што нагласи, секој кој се осмелил да краде од народот ќе се соочи со одговорност.
Откриени се над 860 кривични дела во борбата против дрогата и запленети се над 430 килограми наркотици, меѓу кои рекордни количини кокаин, спречени се три обиди за меѓународен шверц и откриле злоупотреби кај компании за произвдоство на канабис, од кои одзеле над шест тони марихуана. Ова, смета министерот, покажува дека нема недопирливи и дека правдата ќе стигне до секого, без разлика на име и преземе или функција.
Во однос на сообраќајот рече дека не е задоволен од фактичката состојба. – Има напредок, има намалување на тешките несреќи и бројот на повреди, но се уште премногу луѓе гинат на улиците. Ова е едно од најважните работи на кои работиме, наведе Тошковски, најавувајќи функицоналност преку проектот Безбеден град.
Министерот потенцираше и дека се отворени над 230 постапки против вработени во МВР кои не си ја вршеле работата како што треба. – Во делот на миграцијата спречивме над 6.000 обиди за нелегален влез, откривме 64 случаи на криумчарење и разбивме меѓународни мрежи кои носеле мигранти. Работиме секојдневно со ФРОНТЕКС и нашите меѓународни партнери и резултатите се видливи. Проектот Безбеден град е нашата одлучна мерка. Камерите ќе регистрираат, системот ќе постапи. Нема повеќе селективна правда. Нема човечки фактор за тоа дали некој ќе биде санкциониран или не. Само вака можеме да спасиме животи. И ќе го направиме тоа, по секоја цена, порача Тошковски.
Ги претстави и активностите за системско подобрување на условите за работа во министерството, процесите на дигитализација и унапредување на услугите за граѓаните.
-Го реновиравме Центарот за обука во Идризово, отворивме нов К 9 центар, пуштивме во употреба мултимедијален едукативен центар, отворивме нови управни служби во шест општини. Ова не се само згради, туку инвестиции во иднината на полицијата и во квалитетот на услугите за граѓаните. Започнавме и со изработка на проектна документација за изградба на нови и реконструкција на постоечки полициски станици, а во наредниот период ќе се посветиме и на нивната реализација. Обезбедуваме современа опрема, возила, униформи и дигитални решенија затоа што професионалното полициско работење бара современи алатки и стабилна поддршка, истакна Тошковски.
Посочи дека довербата која ја даваат граѓаните не е привилегија туку обврска, изминатата година бил првиот чекор кон враќање на редот, правдата и одговорноста во системот, а во наредниот период ќе се продолжи уште посилно и уште поодлучно.
фото:МВР