Трагичен ден за Македонија е 28 јуни 1921 година. На овој ден во Софија е убиен Ѓорче Петров, една од личностите кој целиот свој живот го посветил на борбата за слобода на македонскиот народ.
Тој е еден од најверните идејни соработници на Гоце Делчев и истакнат заштитник на целите и на принципите на Внатрешната македонска револуционерна организација.
Иако бил противник за предвремено кревање востание на македонскиот народ, тој активно учествувал во Илинденското востание од 1903 година. Роден е во Варош, Прилепско, на 2 април 1865 година.
На овој ден, 28 јуни 1880 година, во Крушево е роден Никола Киров Мајски, македонски револуционер и писател. Автор бил на Крушевскиот манифест. Потекнува од семејство со револуционерни традиции од охридското село Свиништа.
Во 1902 година заминал на учителска должност во леринското село Баница. Следната година се вратил во Крушево каде го затекнало Илинденското востание во кое братучед му Никола Карев ќе стане претседател на Крушевската република, а тој ќе го состави познатиот Крушевски манифест.
Значаен е и неговиот творечки фонд со драмски остварувања и поетски ракописи, посебно делото „За Македонија“.
Никола Киров Мајски починал во Софија, во длабока старост, токму на денот на Илинден, 2 август 1962 година. Историски трудови: „Со поглед кон Македонија“, „Епопејата на Крушево“ и други.
На 28 јуни 1895 година, под раководство на македонскиот социјалист Васил Главинов почнал да излегува весникот на македонските социјалисти „Револуција“. Весникот излегувал еднаш неделно на бугарски јазик и наишол на голема реакција кај големобугарските кругови, кои го оцениле како сепаратистички.
Покрај Главинов, во раководството на весникот се наоѓале и познатите македонски социјалисти Димо Хаџи Димов, Веле Марков, Андон Шулев и други. Последниот број излегол на 30 август 1895 година.