Дваесет и седум годишниот кичевчанец Газменд Укали и неговата вереница, 23-годишната Албина Белули од Тетово се меѓу патниците кои утринава ги загубија животите во страотната сообраќајна несреќа што се случи кога автобусот кој сообраќал од Истанбул кон Скопје се запалил на автопатот „Струма“ во Бугарија.
Информацијата за ТВ Телма ја потврдил и градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари, во чик кабинет работел младиот Газменд. Тој во Истанбул заминал за таму заедно со својата сакана да го прослави 27. роденден.
– Газменд беше дел од кабинетот, задолжен за односи со јавност. Беше мирно, воспитано дете, професионалец. Искрено најдобар колега, ќе го паметиме само по добро. Со девојкатата се заедно неполни две години, а како што велеше тој, другата година сакаа да прават свадба. За жал не дочекаа. Трагедија голема во нивното семејство. Газменд пред повеќе од две години го загуби татко си. Татко му беше лекар, а тој живееше со мајка му. Трагедија за која нема зборови и утеха, велат од кабинетот на градоначалникот на Општина Кичево.
Укали беше член и на Советот на млади на Општина Кичево во 2015 година.
Во несреќата животите ги загубија 46 лица.