Олгица Никола Трајковска

Во отсуство на реакција/став на македонските официјални институции за историја, наука и фолклор, и особено на МАНУ-!, околу наодите/заклучоците на актуелните Меѓудржавни комисии за ревидирање на историјата, јавноста оправдано очекува:
1. Кога македонските историчари јавно ќе обзнанат повлекување/поништување на своите научни трудови за самобитноста на Македонците и нивните дејци во сите сфери на нивното делување?
2. Кога ќе се изврши распуштање на институциите надлежни за историја поради долгогодишниот „фалсификат“ кои денес не го оспоруваат?
3. Кога ОЈО ќе поведе постапка за кривично дело „фалсификат“ на историските факти оспорени од актуелните меѓудржавни комисии?
4. Какво ќе биде обештетувањето на сите досегашни генерации образовани и воспитувани со вакви, наводни „фалсификати“?
5. Дали обештетување треба да се изврши, пред се` и кон засегнатите соседни држави (Бугарија, Грција и, евентуално Албанија)?

КУСО ЗА ОСНОВИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА

Од антиката до денеска, посебноста на Македонците е предмет на констатирање, изучување и докажување на истакнати хроничари, историчари, лингвисти, етнолози, музиколози, естетичари, археолози, па дури, во поново време и генетичари! Почнувајќи од најстарите записи од Херодот, Хомер, Теодорит Критски, Јован Каменија… Библијата…преку Пулевски, Кепески, Цепенков…до денес!

Низ сите децении на постоењето на современата македонска држава од 1944 година, до денеска, основани се низа научни институции за истражување на посебноста на Македонците, како: катедри, институти, задруженија…како во државава, така и надвор, а во МК е основана и МАНУ со посебна единица за историја!

Илјадници научни трудови се изработени на оваа тема, безбројни академски титули се добиени за такви трудови во МК и во странство, генерации се школувани и воспитувани во духот на македонството со национална гордост за делата на илјадници дејци, револуционери, уметници …, а пред се` на тнр „непознатиот автор“ од народот, запишани под поимот „народно творештво/фолклор“, …а сите тие, соодветно, вградени во македонскиот идентитет.

Значаен дел од научните трудови, се работени со години, според меѓународно востановени стандарди и во согласност со принципите на научните истражувања, научна методологија, под менторство на релевантни научни работници, поминати низ рецензиски комисии, бранети се јавно, објавувани и доставувани „задолжителни примероци“ до референтната НУБ „Климент Охридски“ заради чување и заштита во интерес на јавноста. Со тоа, сите тие трудови ex lege стекнуваат статус како споменици на културата („културно наследство од посебно значење“ на државата Македонија) и уживаат посебен третман во заштитата, чувањето, обработката, евиденцијата и користењето!

Последниов период, особено по осамостојувањето на РМ и заострувањето на притисоците и уцените на „Меѓународната“ и Грција за промена на името, според „Њутновиот закон“ за акција-реакција (аналогно протегнат и на општествените појави), дополнително и нагласено почнаа да се соголуваат и афирмираат и некои запретани историски факти, супримирани до степен детерминиран со официјалната државна политика, во насока на одржување и опстанок на федеративната заедница. Но, тие, ниту биле насочени против самобитноста на Македонците како посебен ентитет, ниту биле предмет на сомнение, за разлика од сегашната монструозна, страсна и сеопфатна политика на власта за нејзино целосно негирање/поништување!

НАУЧНИТЕ ТРУДОВИ СПОРЕД ПРИРОДНОТО и ПОЗИТИВНОТО ПРАВО

1. Научните трудови произлегуваат од правото на слободно творештво, што е едно од основните слободи и права на човекот, независно од неговата припадност по која било основа! Ова право е гарантирано со основните документи на ООН, во категоријата на неприкосновени, апсолутни, природни права: IUS COGENS!
2.Тие претставуваат индивидуален и интелектуален труд на нивните автори
3. Како такви, тие претставуваат авторски дела, SUI GENERIS!
4. Нивните автори се носители на авторското право над своите дела,
5. Авторското право, по дефиниција го сочинуваат ексклузивни права (особено: материјални и морални!)
5. Користењето на авторското право, без дозвола на авторите, и посебно, нивна измена, преправање, сквернавење и сл. претставува кривично дело за кое е запретена казна и до 5 години затвор!
6. Дури и во случај на забрана од јавно користење на делото (ако е предмет за извршување кривино дело) никој нема право да интервенира и ја менува неговата содржина- до запирка(!), односно, делото во било каков случај ужива интергритет!
7. Делото може да биде предмет на анализа, критика, оспорување, демантирање и сл.но не може да биде изменето или поништено поради тоа. Ужива вечен интегритет!
8. По дефиниција, наводите, тврдењата во едно научно дело, може да бидат релевантни ако се оспорувани само со друго научно дело!

ИСТОРИЈАТА ВО ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС

Согласно принципите на утврдување на наставните планови и програми, во законски утвредна процедура и состав, резултатите од научните истражувања во МК и странство, соодветно се вградени во севкупниот образовен систем на државава! При тоа, тие треба, меѓудругото, да одговорат на основните цели на образованието утврдени со закон, во кои спаѓаат и:
„… Развивање свест кај учениците за припадност на Република Македонија и негување на сопствениот национален и културен и д е н т и т е т …“
Генерации и генерации во МК се образувани според овие цели!

АКТУЕЛНА ПОЛИТИЧКА ДЕТЕРМИНАНТА ЗА ИСТОРИЈАТА

Актуелната власт, под изговор дека, во интерес на Државата и Македонскиот народ во 2017. и 2018. година, на неуставен н а ч и н, и со с о д р ж и н а спротивна на меѓународното право и Уставот на РМ, склучи два меѓународни договори: со Бугарија и со Грција.
Според содржината, со овие политички договори, се рушат т е м е л и т е на македонската држава и автентичноста и автотохтоноста на македонскиот народ и се поставуваат нови, на кои наводно, се подига новата „Северна“ држава.
Така, под божемното формално преименување на државата Македонија во „…Северна…“ не се изврши следствено преименување на Македонците во Северномакедонци, туку тие целосно, преку наметнат, сеопфатен проект, формално-правно се поништуваат! Се претвораат во непостоечки ентитет, безимена плазма, со право единствено да се идентификуваат како државјани на „Северната“, наспрема сите други, кои го задржуваат правото на етничка посебност!
Всушност, без било каква научна основа, со политички договори, се врши недозволива интервенција во научната сфераСФЕРА, со цел да се оствари договорениот политичкиот геноцид на Македонците со нивниот идентитет! (Замислете, со политички договори да се врши интервенција во други научни области: медицината, математиката…?!)
Така, ексклузивно, политичките договори и некои ad hoc „меѓудржавни комисии“, ex tempore, без било каква научна основа, поставија основи на друга историска „вистината“, која треба натаму да биде задолжително вградена во наставните програми и планови во образовниот процес, спротивно на законските одредби за нивно утврдување! Практично, науката и образованието се поставуваат во улога на слепи спроведувачи на политиката усмерена кон поништување на македонизмот!
Во контекст на овие цели, се и тнр „Тиранска платформа“, како и Писмото на МПЦ-ОА, упатено до БПЦ, во кое изјавува дека нема своја автономност и автохтоност, односно, дека е нејзина „ќерка“!
Политичарите, како извршители на овие злодела од најтежок вид, неминовно ќе понесат кривична одговорност пред судските органи, но и пред моралниот суд на историјата!
Но од таква одговорност нема да бидат лишени ниту нивните поддржувачи, соучесници и помагачи, како што се македонскиве „научни“ работници, кои, непосредно, континуирано или со молк, се с т о р и т е л и на овие злодела: Против македонскиот народ и држава и против својот личен и научен интегритет!