Олгица Никола Трајковска

Не постои поверодостоен показател за остварување на основните човекови права и слободи во едно општество, отколку што е степенот на остварување на авторското право. Затоа што сите тие (слобода на мисла, слободно творештво, самоопределување и самоидентификација, заштита на сопственоста, информирање…и сите други) се прекршуваат и проверуваат токму низ него!

Оттука, не е луксузна тема – дали и како тие се остваруваат во намшиов општ хаос на нефункционирање на правниот систем! Особено во поглед на следново:

Ако јас, како поединец… имам неприкосновено „авторско право“ на заштита на моето конкретно авторско дело гарантирано на највисоко меѓународно и државно ниво… следува дека и ние, како народ имаме неприкосновени права на делата што го сочинуваат македонскиот национален идентитет и тоа: Име, јазик, писмо, обичаи, умотворби, обичаи, преданија итн, исто така гарантирани на највисоко меѓународно и државно ниво, како „право на самоопределување и самоидентификација“ !
Тие спаѓаат во тнр. „народно творештво“, создавано низ децении, векови и милениуми, од непознати автори – од овој македонски народ!

Значајно е што и моето индивидуално право, како и правото на народот спаѓаат во категоријата на неприкосновени природни права ius cogens!

Каква е законската основа за користење на авторското дело?
Од една страна имаме перфектна повеќедецениска правна регулатива со највисоки светски стандарди за остварување и заштита на правата кои произлегуваат од авторските дела, но од друга, се` поприсутно е нивното дрско непочитување! До степен на секојдневно јавно и дрско крадење не само на м а т е р и ј а л н и т е права (користење без надомест), туку и на м о р а л н и т е (ненаведување на името на авторот/изворот)! Почнувајќи од индивидуални дела на социјалните мрежи, на порталите, преку радиодифузните организации и тн., независно од нивниот вид: пароли, анализи, коментари, преводи, карикатури, цртежи, графикони, планови и други творби…
А децидно е утврдено дека за секое користење туѓо дело, по правило, е потребна д о з в о л а од авторот/носителот на правата. Користење без дозвола е кривилно дело утврдено со Кривичниот законик со закана за казна дури до 5 години затвор!

По исклучок, туѓо дело може да се користи и без дозвола и без надомест во неколку случаи определени со закон, меѓу кои и за и н ф о р м и р а њ е за актуелни состојби или ц и т и р а њ е во смисла на полемика.

Но, не се предвидени и с к л у ч о ц и за моралните права! Корисникот секогаш и секаде е должен, соодветно да го истакне авторството, односно изворот од каде делото е „позајмено“, независно во кој обем!

Според регулативата, „народното творештво“ е во „слободно користење“ (PUBLIC DOMAIN), што значи дека е законски дозволено да се користи без дозвола и без плаќање надомест, но со обврска за задолжително почитување на моралните права, односно, корисникот е должен да го наведе изворот/потеклото на користеното дело. Надлежен субјект за овие права е Институтот за фолклор „Марко Цепенков“-Скопје.
Неовластеното „користење“/бришење на идентитетот на еден народ спаѓа во најтешките кривични дела!

Областа на авторските права е преширока, преобемна, значајна, како за поединецот, така и за општеството, народот!

За почеток, во овој хаос на масовна повреда на авторските права и поништување на македонскиот идентитет, барем вие, загрижените патриоти и опозициски портали и радиодифузни организации, почитувајте ги туѓите авторски права, за да бидат почитувани и вашите!

Да го почитуваме народниот автор, за да бидеме почитувани како народ…

Еве, барем ова, за почеток…!

(авторот е дипломиран правник и културен работник)