Поранешниот американски претседател Доналд Трамп даде неколку медиумски изјави и тоа беа негови први по напуштањето на Белата куќа, јави ДПА.

Трамп се појави на Фокс Њуз, на веб-страницата за вести „Њузмакс“ и на кабелскиот канал Оу-Еј-Ен, три медиуми наклонети на него, за да зборува за смртта на конзервативниот радио водител Раш Лимбо.

Во интервју за „Њузмакс“, поранешниот претседател ја прогласи социјалната мрежа „Твитер“ за „здодевна“, откако му беше прекинат пристапот до неа кога неговите приврзаници упаднаа во Капитол минатиот месец.

Запрашан за можно враќање на социјалните мрежи, тој одговори дека „преговара со голем број луѓе“.

– Постои уште една можност – да креирате своја сопствена веб-страница, бидејќи имаме повеќе од било кој, така што вие буквално можете да креирате своја сопствена веб-страница, рече Трамп, алудирајќи на своите многу приврзаници.

Тој исто така го нападна претседателот Џо Бајден, опишувајќи го како евентуално „ментално исцрпен“.

Трамп не коментираше дали планира повторно да се кандидира за претседател во 2024 година, што останува можно откако беше ослободен во Сенатот во процесот на импичмент на почетокот на овој месец.

– Се уште не можам да кажам, но имаме огромна поддршка, рече поранешниот претседател, кој продолжува со престој во неговото одморалиште Мар-а-Лаго во Флорида, откако ја напушти Белата куќа пред еден месец.