Американскиот претседател Доналд Трамп планира да го зголеми бројот на трупи во Саудиска Арабија и да распореди ново оружје – две ескадрили ловци, ракетни системи и радари.
Трамп во писмото испратено до американскиот Конгрес наведува дека САД во следните недели ќе испрати дополнителни единици во Саудиска Арабија со цел да ги заштити нафтените објекти.
-Плановите на Америка во следните недели да испрати дополнителни единици во Саудиска Арабија води кон ескалација на тензиите во регионот на Персиски Залив. Тоа е зголемување на притисокот и демонстрација на сила насочена против Иран на сите фронтови, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Богданов.
Според експертите со зголемувањето на бројот на американски војници и распоредувањето на оружје Трамп сака да покаже дека САД имаат важна улога на Блиски Исток и оти се гаранти на безбедноста во регионот. Но, тие додаваат дека Хутите не претставуваат сериозна закана и оти Саудиска Арабија сама може да се одбрани од нивните напади.
Воените аналитичари оценуваат дека САД го зголемуваат военото присуство во Саудиска Арабија со цел да можат да одговорат на сите ситуација на Блиски Исток.
Експертите предвидуваат дека Вашингтон дополнително ќе го зголеми притисокот врз Техеран, но оти ситуацијата во Персиски Залив и понатаму останува тешка. Во оваа фаза се исклучува можноста од воена операција на САД против Иран, но тоа може да се случи во иднина, со оглед на тоа што притисокот на Пентагон е голем, а американските корпорации се многу заинтересирани за иранската нафта.