Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за британскиот весник „Меил он сандеј“ изјави дека планира да се кандидира за реизбор во 2020 година, а за 92-годишната кралица Елизабета Втора рече дека е „неверојатна жена“ која е „убава и одвнатре и однадвор“.
Трамп, кој беше избран како кандидат на републиканците, рече дека не гледа никого од Демократската партија кој би можел да го победи во 2020 година.
– Не гледам никого. Сите ги знам и не гледам никого, оцени актуелниот шеф на Белата куќа.
На прашањето дали со Елизабета Втора разговарал за Брегзит, Трамп одговори позитивно.
– Да. Таа рече дека тоа е многу – и во право е – тоа е многу сложен проблем, мислам дека никој немаше поим колку тоа ќе биде сложено, наведе тој.
Зборувајќи за кралицата, тој рече дека таа е „неверојатна жена“.
– Многу е остроумна, многу е убава, кога велам убава – и одвнатре и однадвор. Таа е многу специјална личност, истакна Трамп.