Американскиот претседател Доналд Трамп им се закани на добавувачите на нафта за Куба со дополнителни царини, додека неговата администрација продолжува да ја ескалира реториката против комунистичката влада на оваа карипска држава.

Трамп потпиша извршна наредба со која се воспоставува царински систем според кој „може да се наметне дополнителна ad valorem (царинска давачка по вредност) увозот на стоки што се производи на странска земја која директно или индиректно продава или на друг начин обезбедува нафта за Куба“.

Американскиот претседател изјави дека овој потег е преземен за да се заштитат американската „национална безбедност и надворешна политика од малигните дејствија и политики на кубанскиот режим“. Тој не прецизираше кои земји ќе бидат цел ниту какви царински стапки ќе се применуваат.

Односите меѓу Хавана и Вашингтон, кои се тензични со децении, значително се влошија откако Трамп се врати во Белата куќа пред една година. Трамп ја обвинува владата на Куба за нанесување штета на САД и би можел ефективно да предизвика целосен колапс на веќе разнишаната кубанска економија со запирање на снабдувањето со нафта од странство, пренесе ДПА.

Американскиот претседател во вторникот рече дека Куба е „многу блиску до пропаст“.

Куба се соочува со својата најтешка економска криза од револуцијата на Фидел Кастро во 1959 година и се бори со недостиг на гориво. Иако испораките на венецуелска нафта се намалија во последните години и се надополнуваат со набавки од Русија и Мексико, кубанската економија би можела целосно да колабира доколку САД целосно ги прекинат сите испораки.

Според медиумите, Мексико исто така ги намалило испораките на нафта за Куба под притисок на САД, иако нема потврда за ова од мексиканска страна. Неколку американски департмани сега треба да подготват предлози за конкретни царински стапки, кои Трамп потоа ќе ги избере.

Американскиот претседател ги предупреди Куба и другите земји со мерки за одмазда доколку бидат преземени контрамерки.