Американскиот претседател Доналд Трамп денеска соопшти дека „Иран доживува целосен колапс“, само неколку часа пред објавувањето на деталите за новите американски економски санкции против Техеран.

Тој оваа изјава ја даде на социјалната мрежа „Трут соушл“ откако американскиот министер за финансии Скот Бесент претходно за денеска најави „економски Д-ден“ против Иран.

Трамп претходно најави почеток на „економска војна и изолација“ против Иран во невидени размери.

Американскиот претседател исто така предупреди дека земјите чии финансиски институции, претпријатија, аеродроми или владини институции го поддржуваат Техеран, ќе мора да бидат подготвени да се соочат со сериозни економски последици.