Претседателот на САД, Доналд Трамп ја откажа средбата со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, планирана за на 12 јуни, соопшти Белата куќа.
„Многу се радував на средбата со вас. За жал, имајќи го предвид големиот бес и отвореното непријателство изразено во вашите последни соопштенија, сметам дека е невозможно во овој момент да го одржиме долго планираниот состанок“, наведува Трамп.
Тој додава дека самитот е „пропуштена шанса“ и „навистина тажен историски момент“. Трамп на крајот му порачува на Ким да му се јави или да пише ако го промени ставот.
По откажувањето на состанокот со севернокорејскиот лидер, Трамп изјави дека американските сили се подготвени ако Ким презеде „несовесни акции”.
– Американските сили се на готовс, ако е неопходно – изјави Трамп во Белата куќа, додавајќи дека ќе продолжи кампањата со максимален притисок врз Северна Кореја.
Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин свика итен состанок со шефовите на тајните служби и министерот за обединување откако Трамп ја откажа средбата со Ким.
– Јужна Кореја се обидува да разбере кои се намерите на претседателот Трамп и што значат тие, рече портпаролот на претседателството.