Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп вчера објави дека ќе го номинира милијардерот сопственик на професионалниот кошаркарски тим „Хјустон Рокетс“, Тилман Фертита за амбасадор на неговата администрација во Италија.

Фертита е претседател и сопственик на Landry’s Corporation, која управува со 600 ресторани, хотели и казина во 35 американски држави.

Во објава на неговата платформа „Truth Social“, Трамп го пофали Фертита (67), роден во Тексас, како „совршен бизнисмен“ и филантроп.

Трамп вчера објави дека го именувал продуцентот на неговото долгогодишно реално ТВ шоу „The Apprentice“, Марк Барнет (64) за специјален пратеник на неговата администрација во Обединетото Кралство.

Трамп претходно го избра бизнисменот Ворен Стивенс за амбасадор во Велика Британија. Во петокот британската влада го назначи Питер Манделсон за амбасадор во САД.

Во објавата на неговата платформа „Truth Social“, Трамп рече дека Барнет „ќе работи на подобрување на дипломатските односи“ и ќе се фокусира на „трговијата, можностите за инвестирање и културната размена“.