Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека Израел „ја губи пиар војната“ во Газа поради објавите на социјалните мрежи на кои се прикажуваат ужасни слики од војната.

Мразам што продолжуваат да се пуштаат снимките. Секоја вечер пуштаат снимки од згради како се уриваат. Тие не треба да го прават тоа, затоа што апсолутно ја губат пиар војната, рече Трамп, а пренесува Политико.

Трамп во октомври рече дека „се борел за Израел како ниеден претседател досега“, но сега му порача на Тел Авив дека мора да стави крај на војната.

„Тие ги објавуваат најгрозните, најстрашни снимки од уривање на згради и сите логично замислуваат дека многу луѓе загинале во тие згради. Претпоставувам дека тоа го прават за да изгледаат моќно, но мене не ми изгледаат моќни. Вистина е дека треба да го завршат она што го започнаа, но мора да го направат тоа брзо, а ние мораме да продолжиме со животот“, рече Трамп.

На двапати прашан дали „се уште е 100 отсто со Израел“, поранешниот претседател не одговори директно.

Коментарите на Трамп доаѓаат откако израелската војска уби седум хуманитарни работници во систематски напад од возило по возило врз конвојот на Светската централна кујна, кој обезбедува оброци за гладните цивили во Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху призна дека „ненамерните“ израелски напади убиле невини луѓе и вети дека „ќе стори се за да не се повтори тоа“.