Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е постигнато многу во трговските преговори со рускиот претседател Владимир Путин.
– Мислам дека имавме извонреден состанок. Мислам дека тој е извонредна личност. Зборувавме за трговијата, многу постигнавме. Треба да имаме трговија меѓу Русија и САД, двете големи држави. Имавме многу добар состанок вчера, рече Трамп во интервју за телевизија Русија – 24.
Путин и Трамп се сретнаа вчера на самитот Г-20 во Осака, каде што разговараа еден час и 20 минути.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков по состанокот изјави дека двајцата лидери се договориле наскоро да се сретнат министрите за финансии на Русија и САД.
Инаку вчерашниот руско-американски самит во Осака беше прва средба на двајцата претседатели, откако Трамп ги откажа разговорите со Путин, што требаше да се одржат во Аргентина на маргините на самитот на Г-20 лани во декември. Од тогаш, Путин и Трамп само еднаш разговараа по телефон и тоа минатиот месец.