Американскиот претседател Доналд Трамп денеска соопшти дека странски сојузнички држави побарале од него да не објавува оригинални документи за начинот на кој почна истрагата за неговите наводни врски со Русија. Трамп преку Твитер соопшти дека Секретаријатот за правда на САД се согласил да ги објави документите, но имало и загриженост поради тоа, а крајниот збор ќе го има претседателот.
– Се сретнав со Секретаријатот за правда во врска со декласифицираањето на разни НЕРЕДАКТИРАНИ документи. Тие се согласија да ги објават, но оценија дека со тоа може да се добие негативна перцепција за истрагата за Русија. Исто така, клучни Сојузници се јавија да побараат да не ги објавуваме. Оттаму, Генералниот инспектор беше повикан забрзано да ги разгледа документите. Верувам дека ќе дејствува бргу по ова прашање (а се надевам и за други прашања кои ги разгледуваме). На крајот јас секогаш можам да донесам одлука за декласификација доколку се покаже неопходно. Брзината ми е многу важна на мене – и на сите!, напиша Трамп.
Се претпоставува дека се работи за документи кои ќе покажат политичка пристрасност во работата на Секретаријатот за правда и во ФБИ, за начинот на кои овие организации почнаа истрага против Трамп и неговиот изборен штаб и ги осомничија за врски со Русија. Трамп повеќе пати обвини дека како резултат на овие обвинувања, неговиот изборен штаб бил сниман во текот на кампањата, а политички чувствителни податоци биле доставувани до штабот на неговата противкандидатка Хилари Клинтон. Врз основа на обвинувањата за контакти на Трамп со Русија беше именуван специјалниот обвинител Роберт Малер, кој покрена низа процеси против соработници на Трамп, при што некои се во притвор, а еден, Џорџ Пападопулос, беше и осуден на куса затворска казна. Трамп посочува дека овие обвинувања немаат никаква поврзаност со Русија и бара истрагата да биде завршена за да може да се фокусира на управувањето со државата.
Повеќе политички сојузници на Трамп го повикаа да нареди објавување на сите документи што покажуваат политичко мешање во работата на истражните и безбедносните служби, и да го стори тоа пред важните избори во ноември, на кои се одлучува која партија ќе има мнозинство во Конгресот на САД. Од опозициската Демократска партија, пак, велат дека овие документи не смее да се објават бидејќи ќе се откријат детали за начинот на кој американските безбедносни служби дејствуваат низ светот и соработуваат со партнерските разузнавачки служби како што е британската.