Белата куќа денеска соопшти дека нејзин тим ќе отпатува за Сингапур како логистичка поддршка за подготовка на евентуална средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс изјави дека логистичкиот тим ќе отпатува за Сингапур за да го подготвува самитот, како што било планирано и пред откажувањето на средбата од страна на Трамп.
Американскиот претседател во четвртокот ја откажа неговата средба со севернокорејскиот лидер, закажана за 12 јуни во Сингапур, поради, како што нагласи, „огромниот гнев и отвореното непријателство на Ким Џонг-ун во неговата неодамнешна изјава“.
– Се радував однапред дека ќе бидам таму со вас. За жал, поради огромниот гнев и отвореното непријателство манифестирано во последната изјава, сметам дека е непримерно, во овој момент, да се одржи овој долго планиран состанок, напиша Трамп во писмо упатено до севернокорејскиот лидер, со кое ја откажа средбата.
Меѓутоа, Трамп синоќа изјави дека сепак е можно да се сретне со Ким на 12 јуни во Сингапур, како и што беше планирано.
Тој порача дека ќе почека да види што ќе се случи во услови кога „сите играат игри”, додавајќи дека првичниот датум за средбата и натаму е во игра.
Оджувањето на средбата Трамп-Ким во Сингапур беше тема и на денешните разговори на севернокорејскиот лидер со јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин во местото Панмунџом во демилитаризираната зона долж границата на двете Кореи.
Како што соопшти Кабинетот на Мун, на оваа втора средба на двајцата лидери станало збор за имплементацијата на договореното на нивниот претходен состанок одржан на 27 април, како и за можноста за одржување средба меѓу Ким и Трамп.
– Двајцата лидери имаа отворена размена на мислење за спроведувањето на Декларацијата од Паммунџом, усвоена на 27 април, како и за неопходноста од одржување на средба на високо ниво меѓу САД и Северна Кореја, се наведува во сооопштението.