Поранешниот претседател Доналд Трамп оваа сабота се враќа на местото каде што вооружен напаѓач се обиде да го убие во јули, занемарувајќи ги сегашните, скоро постојани грижи за неговата физичка безбедност, за да ја исполни ветената обврска — „навистина обврска“, како што рече неодамна — кон народот на Батлер, Пенсилванија, пишува Асошиејтед прес.
– Веројатно ќе почнам со зборовите, ‘Како што кажував…’“, шеговито рече републиканскиот претседателски кандидат, алудирајќи на моментот кога неговиот говор беше прекинат, кога куршум го погоди неговото уво и тој беше евакуиран од сцената со крената тупаница додека крв му течеше по лицето.
Неговиот потпретседателски кандидат, сенаторот од Охајо, Џ.Д. Ванс, исто така ќе присуствува на настанот на фармските изложбени терени во Батлер, како и милијардерот Илон Маск, со што кампањата го зголемува потенцијалот за публицитет на неговото враќање, само 30 дена пред крајот на кампањата против демократската потпретседателка Камала Харис и гувернерот на Минесота, Тим Волц.
Кампањата предвидува дека десетици илјади луѓе ќе присуствуваат на настанот, кој е претставен како „оддавање чест на американскиот дух“. Локалните хотели, мотели и пансиони се наводно полни, а некои ентузијастички поддржувачи на митингот веќе пристигнале во петок, според локална страница на Фејсбук.
– Претседателот Трамп се радува на враќањето во Батлер, Пенсилванија, за да им оддаде чест на жртвите од тој трагичен ден. Подготвеноста на жителите на Пенсилванија да му се придружат на претседателот Трамп во неговото враќање во Батлер го претставува силниот и отпорен американски народ, изјави портпаролката на кампањата на Трамп, Каролин Левит.
Како што Крукс успеа да ги надмудри силите на редот тој ден и да се искачи на зграда од каде што имаше лесен дострел до поранешниот претседател, е едно од многуте прашања што сè уште остануваат неодговорени во врска со најголемиот безбедносен пропуст на Тајната служба во последните децении. Друго прашање е неговиот мотив, кој никогаш не беше утврден.
Окружниот обвинител на округот Батлер, Рич Голдингер, оваа недела изјави за WPXI-TV дека сите ги удвојуваат своите напори за да се осигура дека ова ќе биде безбедно и правилно спроведено.
Мајк Слуп, окружниот шериф, изјави за телевизијата дека проценува дека Тајната служба — која преживува болна пресметка за тоа како се справи со два обиди за атентат врз Трамп — распоредува четирипати повеќе ресурси отколку што направи во јули.
Фото: Асошиејтед Прес