Поранешниот американски претседател Доналд Трамп за првпат по повеќе од две години синоќа пушти објава на социјалната мрежа „Х“ (поранешен Твитер) , споделувајќи ја својата историска фотографија направена во затворот во Атланта, пренесоа светските агенции.

Трамп на објавата со својата затворска фотографија напиша: „Мешање во изборите. Никогаш не се откажувај!“, нудејќи и линк до неговата веб-страница што води до страницата за собирање средства, јавија американските медиуми.

Поранешниот претседател немаше објавено порака на својата некогаш омилена социјална мрежа од јануари 2021 година. Нему му беше забранет пристапот на Твитер неколку дена по нападот врз американскиот Конгрес од неговите поддржувачи, потсетуваат британските медиуми.

Само 50 минути по неговата објава пораката и сликата беа прегледани над 14 милиони пати.

Налогот на Трамп му беше вратен во ноември минатата година, веднаш откако американскиот милијардер Илон Маск ја презеде компанијата.

Трамп, меѓутоа, досега не се имаше огласено на Твитер, инсистирајќи на тоа дека е посреќен на неговата страница „Вистина“ (Truth Social), која ја отвори за време на забраната.

Трамп, актуелен претендент за републиканска претседателска номинација, со месеци изјавува дека планира да се врати на платформата во, како што рече, „вистинско време“.

Трамп ја пушти во етерот првата објава на платформата X додека со својот приватен авион леташе од Атланта до неговата викендичка во американската сојузна држава Њу Џерси, доцна синоќа, Претходно вечерта тој беше ослободен со кауција од 200.000 долари, откако помина 20 минути во затворот во Атланта.