Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер напиша дека „кој било друг, освен него, да објавел дека планира да ја врати војската од Сирија, по уништувањето на Исламска држава во таа земја, ќе беше најпопуларниот херој во Америка“.
Трамп на тој начин одговори на реакциите што следеа по неговата одлука да ја повлече американската војска од Сирија.
– Кој било друг, освен вашиот омилен претседател Доналд Трамп, да објавеше, по уништувањето на Исламска држава во Сирија, дека ќе ги врати нашите трупи (среќни и здрави), таа личност ќе беше најпопуларниот херој во Америка. Кога јас сум во прашање, тогаш следи жесток удар од медиумите кои објавуваат лажни вести. Лудо!, напиша Трамп.
Во друга порака на Твитер се осврна на досегашниот министер за одбрана Џим Матис, кој поднесе оставка поради несогласувањето со него околу повлекувањето на војската од Сирија.
– Кога претседателот Обама неславно го отпушти Џим Матис, јас му дадов втора шанса. Некои мислеа дека не треба, јас мислев дека треба. Интересен однос – но, јас исто така му ги дадов сите ресурси што тој всушност никогаш ги немал. Сојузниците се важни – но не кога ги искористуваат САД, напиша Трамп.
Третата порака на Твитер се однесува на Брет Мекгурк, поранешен Специјален пратеник за глобална коалиција која се бори против Исламска држава. Тој поднесе оставка веднаш по Матис, а причината, како што објавија медиумите, беше негово „силно несогласување“ со претседателот на САД во врска со одлуката за повлекување на војската од Сирија.
– Брет Мекгурк, кого не го познавав, го назначи претседателот Обама во 2015 година. Требаше да замине во февруари, но поднесе оставка бидејќи сака да привлече внимание, напиша Трамп на Твитер.