Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа на неговата социјална мрежа Truth Social ги оцени новинарите на британската телевизиска мрежа Би-Би-Си како „корумпирани“ по соопштението за оставките на генералниот директор и уредничката на информативната програма, кои биле вмешани во контроверзна монтажа на еден од неговите говори.

– Највисоките луѓе во Би-Би-Си, вклучувајќи го и Тим Дејви, шефот, сите даваат отказ/се отпуштат, бидејќи беа фатени како го „фалсификуваат“ мојот многу добар (совршен) говор од 6 јануари. Благодарност до Телеграф за разоткривањето на овие корумпирани „новинари“. Ова се многу нечесни луѓе кои се обидоа да влијаат на претседателските избори. Пред се, тие се од странска земја, земја која многумина ја сметаат за наш сојузник број еден. Каква ужасна работа за демократијата, напиша Трамп.

Аферата, која во вторникот ја откри британскиот весник Дејли телеграф (The Daily Telegraph), се однесува на документарен филм емитуван една недела пред претседателските избори во САД на 5 ноември 2024 година.

Би-Би-Си беше обвинет дека монтирал делови од говорот на Доналд Трамп одржан на 6 јануари 2021 година, на таков начин што изгледало како да им кажува на своите приврзаници дека ќе маршира со нив до Капитол за „жестоко да се борат“.

Што е спорно во документарецот

Во центарот на скандалот е документарецот „Трамп: Втора шанса?“, кој се емитуваше една недела пред минатогодишните избори во САД. Во него се монтирани делови од говорот на Доналд Трамп од 6 јануари 2021 година, за да изгледа како да им рекол на своите поддржувачи дека ќе оди со нив до американскиот Капитол за „жестоко да се бори“, по што следуваа немири и напади пред Капитол и упад во зградата на Конгресот.

Всушност, тој рекол дека ќе „се бори жестоко“ во вториот дел од истиот говор, а не веднаш откако рекол дека ќе оди со демонстрантите до Капитол.

Генералниот директор и извршната директорка на Би-Би-Си поднесоа оставки

Генералниот директор на Би-Би-Си, Тим Дејви, и извршната директорка на вестите, Дебора Тернес, вчера поднесоа оставки по критиките дека документарецот на Би-Би-Си „Панорама“ ги довел во заблуда гледачите со монтажа на говор на американскиот претседател Доналд Трамп.

Во својата оставка, Тим Дејви наведе:

„Сакав да ве известам дека одлучив да го напуштам Би-Би-Си по 20 години. Ова е целосно моја одлука и останувам многу благодарен на претседателот и Управниот одбор за нивната непоколеблива и едногласна поддршка во текот на целиот мој мандат, вклучително и во последните неколку дена“.

– Работам на точни временски рокови со Управниот одбор за да овозможам уредна транзиција кон наследникот во наредните месеци … Размислував за многу интензивните лични и професионални барања за управување со оваа улога низ многу години во овие трескавични времиња, во комбинација со фактот дека сакам да му дадам време на наследникот да помогне во обликувањето на плановите за Повелбата што ќе ги спроведува. Во овие сè повеќе поларизирани времиња, Би-Би-Си е од единствена вредност и го зборува најдоброто од нас. Помага Велика Британија да биде посебно место; исклучително љубезно, толерантно и љубопитно. Како и сите јавни организации, Би-Би-Си не е совршен и секогаш мора да бидеме отворени, транспарентни и одговорни. Иако не е единствената причина, актуелната дебата околу вестите на Би-Би-Си разбирливо придонесе за мојата одлука, додаде Дејви.

– Севкупно, Би-Би-Си работи добро, но имаше некои грешки и како генерален директор морам да ја преземам крајната одговорност, заклучи Тим Дејви.