Пред зградата на Министерството за надворешни работи на Србија во Белград осамна транспарент на кој пишува: „Ако Косово не е Србија, ни Република Српска не е Босна“.

По тој повод Лигата на социјалдемократите на Војводина (ЛСВ) постави прашање до министерот Ивица Дачиќ дали е тој авторот на „провокативниот транпарент“ до кој се наоѓа руското знаме, пред неговото министерство?

– Го прашуваме Ивица Дачиќ дали е тоа политиката која ја застапува како министер за надворешни работи? Дали приказната за „корекција на границите“ помеѓу Србија и Косово е само вовед во нов судир во Босна и Херцеговина? Ако не стои зад овој транспарент и воено подбуцнувачката порака која се крие позади него, прашуваме зошто контроверзниот транспарентне е отстранет, се вели во соопштението од ЛСВ.

Оваа парламентарна партија, исто така, го прашува министерот „ако на зградата на МНР на Србија, во улицата Кнез Михајлова, секој може да закачува пораки какви што сака“ дали ќе дозволи и транспарент со натпис: „Ова не е Русија“.

– Транспарентот со наведената порака ЛСВ ќе донесе уште следнава недела и ќе го распне преку сегашниот, ако тој не биде тргнат, се додава во соопштението на ЛСВ.