Министерката за надворешни работи Лиз Трас, како и нејзиниот колега Сергеј Лавров, истовремено се во посета на Индија, со цел да ги зајакнат врските со Њу Делхи.

Трас апелира Индија  да им се придружи на другите демократски земји, со цел да се спротистави на руската инвазија врз Украина, како и да ја намали зависноста од Москва.

Лавров пак, кој треба денеска да има состанок со индискиот премиер Нарендра Моди и со министерот за надворешни работи Субрахманијам Џаишанкар, се очекува да го повика Њу Делхи да купи повеќе руска нафта и гас и да ги заобиколи западните санкции.

Претходно овој месец, Индија се согласи да увезе три милиони барели руска нафта со попуст. Владата изјави дека сè уште е капка, буквално капка, во поголема кофа од нејзиниот увоз на нафта.

Индија се воздржа од гласањето во Обединетите нации против руската инвазија на Украина. Земјата не го осуди чекорот, велејќи дека дијалогот и дипломатијата се единствениот пат напред.

Трас на средбата со Џаишанкар потенцираше дека од витално значење е демократиите да соработуваат за да ги одвратат агресорите.